
Грчко-американскиот агент на ЦИА Џорџ Јоанидес, специјализиран за психолошка војна, имал директен контакт со Ли Харви Освалд пред атентатот врз американскиот претседател ЏФК во 1963 година покажува обелоденето досие.
Пакетот од 40 документи не содржи нови докази за настаните во Далас ниту за теоријата на „повеќе стрелци“, но потврдува дека ЦИА систематски лажела за својата поврзаност со Освалд пред Комисијата Ворен (1964), Kомитетот Чрч (1975), Изборниот комитет на Претставничкиот дом за атентати (1977-78) и Одборот за преглед на записите за атентати (до 1998 година).
Во меморандум од 17 јануари 1963 година ЦИА му наложила на Јоанидес да работи под псевдонимот „Хауард Геблер“ и тесно да соработува со Кубанската студентска дирекција (DRE), тајно финансирајќи и насочувајќи ги нивните активности. Ова ЦИА досега го негираше.
Оваа антикомунистичка група одигра клучна улога во ширењето информации веднаш по атентатот дека Освалд му бил наклонет на Фидел Кастро. Од новите документи може да се заклучи дека ова било најмалку индиректно поттикнато од операциите на Јоанидес.
Прикривањето на приказната на Јоанидес е официјално мртва. Ова е голема работа. ЦИА се предомислува за Ли Харви Освалд, изјави Џеферсон Морли, автор кој се смета за експерт за атентатот врз Кенеди.
Јоанидес бил заменик-шеф на станицата на ЦИА во Мајами во 1963 година, со надлежност да ги надгледува „сите аспекти на политичкото дејствување и психолошката војна“, вклучувајќи и тајно финансирање и насочување на DRE. Агенти на оваа група три месеци пред атентатот имале физичка пресметка со Освалд во Њу Орлеанс, а подоцна и дебата на локална телевизија. Веднаш по атентатот DRE во својот билтен го идентификувала Освалд како „про-Кастро-комунист“, приказна што ја пренесоа големите весници како „Мајами Хералд“ и „Вашингтон Пост“.
Но, уште побитно е тоа што Јоанидес одиграл централна улога во прикривањето на трагите. Тој лично бил назначен за врска на ЦИА со Комитетот на Конгресот за истрага на атентатот и од таа позиција давал лажни информации и го одложувал доставувањето на критични досиеја.
Поранешниот истражител на комисијата, Ден Хардвеј, пред еден месец сведочеше дека Јоанидес спроведувал „тајна операција“ за да ја поткопа конгресната истрага. За својата успешна работа ЦИА во 1981 година го одликувала со Медал за професионално разузнавање. Починал во 1990 година.
Претседателот Доналд Трамп објави директива да ги открие сите документи поврзани со Законот за собирање записи за атентатот на Џон Ф. Кенеди од 1992 година. Се очекува објавување на повеќе записи.
Агенцијата целосно се придржува и ги достави сите документи, без редактирања, како што наложи претседателот, објави портпарол на ЦИА.