Годинешниот елитен собир ќе се бори за релевантност во ерата на популизам и длабока институционална недоверба, објави Лари Финк, директорот на инвестицискиот џин Блекрок, кој ја презеде улогата „градоначалник на Давос“ од основачот на Светскиот економски форум, Клаус Шваб.
Финк во 2020 година го шокираше Форумот во Давос кога објави дека ќе пренасочи илјадници милијарди долари управувани од неговата фирма во проекти за справување со глобалното затоплување. Зад Блекрок брзо се построија сите големи инвеститори од Вол стрит. Сите големи американски банки објавија дека повеќе нема да финансираат дупчења нафта во дивата природа во Арктикот. Џеј Пи Морган објави дека ќе се прилагоди на целите од Парискиот климатски договор.
Од почетокот на вториот претседателски мандат на Доналд Трамп, сите почнаа да скокаат од „климатскиот воз“. Директорот на Блекрок, кој ја изгради најголемата платформа за инвестирање во енергетската транзиција, во најновото писмо до инвеститорите воопшто не ги спомнал климатските промени, туку ја истакнал потребата од „енергетски прагматизам“.

Тоа беа еден куп празни ветувања од еден куп луѓе од Волстрит кои ги напуштија своите ветувања кога повеќе не им одговараа. Се качивме на ридот и се спуштивме надолу, изјави за Њујорк тајмс поранешен директор во Блекрок.
Разговорите и предавањата во Давос сега се фокусирани на прашања за градење отпорност на суши, пожари и поплави. Термините поврзани со климатските промени речиси и да не фигурираат во насловите на десетиците закажани сесии на Светскиот економски форум.
Климатскиот „првоборец“ Ал Гор, останува на програмата. Лани говореше Џон Кери, претставникот за климатски промени на тогашниот претседател Џо Бајден. Годинава министерот за енергетика на САД, Крис Рајт, ќе одговара на тема „Како да ги напојуваме нашите животи“.

Политико тврди дека Форумот се консултирал со Белата куќа во текот на 2025 година за да обезбеди присуство на претседателот Доналд Трамп во Давос. СЕФ одговара дека ги избира темите на настаните врз основа на нивната глобална релевантност и дека „ниту една влада не влијае на уредничка независност или на агендата“.
Форумот продолжува да ја гледа енергетската транзиција како економска можност. Движењето кон економија позитивна на природата би можело да ослободи 10.000 милијарди долари годишни деловни можности и да создаде речиси 395 милиони работни места до 2030 година, демонстрирајќи како одржливоста може да поттикне инклузивен раст, соопшти СЕФ.
Спроти секој самит, Форумот објавува анкета на експерти што може да предизвика глобална криза во годината што претстои. Во 2024 година тие ги наведоа „екстремните временски услови“ како ризик број 1 за стабилноста. Лани зелената агенда падна на второ место, зад вооружениот конфликт меѓу држави.
Годинава проблемот е веќе на трето место, а на првото се проби „загриженоста од геоекономската конфронтација“. Само 8% од експертите сметаа дека климатските промени може годинава да предизвикаат глобална криза.