Со новите регулативи предложени од кабинетот на канцеларот Фридрих Мерц ќе биде опфатен до 30% од сообраќајот на податоци во Германија. Нацрт-законот, испратен до министерства пред неколку недели, ќе ѝ даде на Федералната разузнавачка служба легална основа за операции за надзор на комуникациите на интернет и за упад во онлајн системи.
БНД ќе биде преуредена повеќе да личи на озлогласената американска Агенција за национална безбедност (НСА), за која Едвард Сноуден во 2013 година откри дека ги снима сите комуникации на Американците и на многумина влијателни лица низ светот.
Амандманот има за цел да го зајакне националниот суверенитет и оперативните способности на разузнавачките служби со цел да се одржи чекор со работењето на релевантните европски партнерски служби. Предлозите во моментов се претставени на надлежните министерства заради интензивни консултации, вели портпарол на кабинетот.
Длабоко под Франкфурт повеќе од 30 години се наоѓа една од најголемите јазли за интернет сообраќај во светот. Во центарот DE-CIX во 2024 година се чуваа податоци од 68 милијарди гигабајти. БНД легално го следи меѓународниот интернет сообраќај речиси 20 години: е-пошта, пораки и многу други форми на комуникација. Ова следење на оптичките кабли е дел од стратешкото собирање разузнавачки информации и не е насочено за прислушување поединци. Напротив, интернет сообраќајот што тече од една земја во друга преку точката за размена во Франкфурт се скенира со користење на специфични термини за пребарување - зборови, имиња, е-адреси или хемиски формули што може да се поврзат со планирани терористички акти, шпионажа или меѓународна трговија со оружје.
Според предложениот амандман, услугата повеќе нема да биде ограничена на следење на тековните комуникации од странство до странство. Ќе се дозволи надзор и на интернет сообраќајот што потекнува од Германија и оди до светот.
На БНД досега ѝ беше дозволено само да пребарува специфични термини во интернет-сообраќајот во реално време, а со проширените овластувања ќе може ретроспективно да пребарува податоци што се снимени во изминатите шест месеци, и тоа не само метаподатоци за IP-адреси, туку и нивната содржина.
Во други земји вакви податоци често се чуваат и анализираат многу подолго. На пример, во Холандија, на разузнавачките служби им е дозволено да ги чуваат таквите податоци до две години. Во Франција, податоците за содржината се чуваат четири години, а во Британија и Италија, тие дури се чуваат колку што е потребно, се наведува во појаснувањата на нацрт-законот.
Планирано е на БНД да ѝ се дадат уште поголеми овластувања за собирање дигитални разузнавачки податоци, на пример, преку надзор на компјутери во странство. БНД би добила законско право да хакира странски оператори на онлајн услуги и платформи кои не соработуваат доброволно. Ова би ѝ овозможило на службата да се инфилтрира во системите на компании како Google, Meta или X, ако тоа е потребно за стратешко собирање разузнавачки податоци. Владата ги оправдува овие проширени овластувања со „значително поактивната улога што БНД треба да ја игра во сајбер одбраната“.
На БНД во иднина би ѝ било дозволено да шпионира одредени целни лица во Германија според истата законска рамка која сега важи за странци во странство. Ова се однесува, на пример, на агенти кои престојуваат во Германија под маска на дипломати.
*****
Види и: Берлинската полиција доби дозвола за тотален надзор
Германските агенти ќе добијат дозвола за саботажи