Германски ерга омнес

Една од партиите-сестри на партијата на Меркел, Христијанско-социјалната унија на Баварија (Christlich-Soziale Union in Bayern), предизвика контроверзи заради барањето имигрантските семејства да се обврзани да зборуваат германски и дома.

Предлогот за воведување ваков закон е веќе изготвен, и во него се вели: „Луѓето кои сакаат да останат тука на постојана основа мора да зборуваат германски и во јавност и во рамки на семејството".

Ова се случува во период на драстично зголемување на бројот на доселеници во Германија, главно од источните земји на ЕУ, како Полска, Романија и Бугарија, како и на наплив на баратели на азил кои бегаат од војната во Сирија.

Во октомври оваа година најголемиот минхенски весник Sueddeutsche Zeitung со по малку ироничен тон пишуваше за тоа дека Баварија ќе биде наскоро присилена да позајмува шатори од фестивалот на пивото Октоберфест за да ги смести бегалците. Оттаму, некои членови на оваа партија се загрижени затоа што сметаат дека таа нема доволно тврд став кон прашањето на имиграцијата, па размислуваат за преселба во „Алтернатива за Германија", нова партија која е порадикална во овој поглед. Сепак, ХСУ беше движечката сила позади новиот закон, изгласан на почетокот на 2014, кој предвидува строги санкции за оние имигранти кои го залоупотребуваат великодушниот германски систем на социјална помош.

10 декември 2014 - 12:17