Германија за две години ќе има гас, за зимава ќе видиме

Првиот човек на германскиот регулатор за струја и гас, за Билд изјавил дека залихите на земјата се далеку подобри отколку претходните недели, ама не се ни приближно до тоа што и треба на Германија за зимава.

Клаус Милер за Билд објаснил дека сега многу зависи од тоа како ќе мине сервисирањето на Северен тек 1 и дали во четврток (21 јули) ќе биде пуштен во погон.

Моментално германските резерви се 65% полни, а процените на владата се дека ќе бидат неопходни барем 90% за Германија комотно да може да ја мине зимата дури и ако Русија целосно им го изгаси гасот.

Запрашан дали во случај на гасење на рускиот гас ќе биде крената цената за потрошувачите, Милер одговорил дека и покрај запирањето на Северен тек 1 за одржување, за сега цените не пораснале, што според него е знак дека „пазарите веќе ја прифатиле загубата на руските залихи на гас и достигнавме плафон на цените на гас.“

Неговата порака за сограѓаните е да не паничат, и дека приватните домаќинства имаат најмалку што да се секираат.

Милер проценува дека Германија ја чекаат уште две тешки зими, каде постои ризик да има недостаток на гас, но дека од 2024 земјата ќе биде целосно независна од руски гас.

„Но, тоа што е точно, е дека цените никогаш повторно нема да бидат ниски како што некогаш беа,“ изјавил Милер.

Цената на гасот на почетокот од март го достигна плафонот, кога 1.000 кубика гас се продаваа за 3.600 долари.

18 јули 2022 - 10:45