Миграција во рикверц

Германци мигрираат во Унгарија на Орбан за да избегаат од мигранти

Конзервативниот став на Виктор Орбан кон миграцијата симетрично бледее како што бледее бојата на кожата на потенцијалните азиланти во Унгарија, нешто што одлично им дојде на повеќе уплашени Германци.

Комбинацијата што Унгарија им ја нуди на Германците е "безбеден" живот и ниски цени (плус понизок, рамен, данок од 16%). По зборовите на еден агент за недвижни "8 од 10 германски клиенти изјавија дека бегаат од масовното пристигнување на мигранти во Германија", редовно жалејќи се на одлуката на Меркел да прими муслимански бегалци.

Според муабетите на агентите за недвижнини, германските мигранти во Унгарија обично купуваат куќи меѓу 50 и 100 илјади евра, и најчесто гледаат тие да бидат во изолирани рурални средини, оддалечени од големите градови.

Како што објаснува едно германско семејство преселено во Унгарија во идилично село на 15 километри од езерото Балатон, она што ним им се свиѓа во Унгарија, во споредба со Германија е "што сме во христијанска земја, тука нема џамии и ќебапи на секој ќош."

Областа околу езерото Балатон има доволно голема заедница на мигранти од Германија, што веќе издаваат и весник на германски, Балатон цајтунг. Менијата на рестораните се на германски, а за да се чувствуваат како дома се грижат и  Алди и Лидл.

Како што објаснува политикологот Золтан Кисзели ова не е некоја страшна миграција, меѓутоа треба да се пази затоа што "од почетокот на мигрантската криза, имиџот на Унгарија е подобрен, не кај медиумите туку меѓу европските граѓани. За конзервативците кои се грижат за црквата и за фамилијата, Унгарија е добар избор. Се чувствуваш како во Германија пред 30 години. И се додека Орбан е на власт - и сè насочува кон негов реизбор во 2018 - тие имаат гаранција дека нема да налетаат на премногу мигранти."

13 декември 2016 - 16:22