Г7 ќе бараат од СЗО нова истрага за потеклото на ковид-19

Освен што ќе донираат 1 милијарда дози на вакцини против ковид-19, првите луѓе на Г7 сакаат инспекторите на СЗО да се вратат назад во Вухан и одново да започнат истрага за потеклото на пандемијата.

Повикот за повторување на истрагата доаѓа на инцијатива на Бајден и следува како надополнување на американската истрага на истата тема, во која најмалку една американска разузнавачка агенција тврди дека вирусот потекнува од лабораторија.

Општиот научен консензус и понатаму останува дека ковид-19 е природен вирус кој е пренесен од животно на човек. Истрагата на СЗО од почетокот на годинава исто така утврди дека е „екстремно неверојатно“ дека пандемијата започнала во лабораторија.

Информацијата од протечениот документ ја објавува Блумберг, а таа треба да биде официјализирана во недела.

Документот освен истрагата и донирањето вакцини ќе содржи и ветување за борба против присилната работна сила во глобалните ланци на снабдување, вклучително соларната енергија и текстилната индустрија која вклучува присилна работна сила од малцинства. Овој дел најмногу се однесува на Кина и нејзиниот присилен ангажман на Ујгури.

Се очекува дека ќе има и барање до Русија да ги стави под контрола хакерските групи во нејзините граници кои извршуваат рансомвер напади, главно врз западните компании.

10 јуни 2021 - 13:35