
Иако не е баш најтазе заговор, Фрејзлдрип се актуелизираше откако беа ре-објавени Фејсбук коментарите на републиканската конгресменка, Марџори Тејлор Грин, која е отворен симпатизер на Куанон, и како таква неколку години пред да стапне во Конгресот пишувала за заговорот.
Главното, што е Фрејзлдрип?
Според објаснувањето што го пренесува Вокс:
„Хилари Клинтон и нејзината поранешна советничка Хума Абедин се снимени како кинат лице од дете и го носат како маска пред да ја испијат крвта од детето во сатанистичко ритуално жртвување, а ова видео е најдено на хард-дискот на поранешниот сопруг на Абедин, Ентони Винер, под кодното име ’Фрејзлдрип’.“
Заговорот потоа го шири својот опсег и тврди дека добар дел од њујоршките полицајци кои го виделе клипот (дискот на Винер беше запленет во Њујорк), се убиени од страна на Хилари, која направила тоа да изгледа како самоубиство.
Сето ова е неколку години старо, меѓутоа се актуелизира заради конгресменката Грин. Откако таа беше избрана, почна да се прочешлува нејзината историја на социјалните мрежи, каде беше откриено дека често била про „куршум“ решенија за проблематичните Демократи.
Во својата Фејсбук просветителска дејност Грин има објавено и слика од мајката на еден од њујоршките полицајци кој се самоубил / бил убиен откако ја изгледал снимката со Хилари. Во коментар на сопствената слика таа пишува: „Понекогаш објавувам работи само за да видам кој што знае. Најголем дел од времето луѓето не знаат.“