Пицагејт, најневеројатната теорија на заговор околу Хилари

Сценариото е следно: објавените мејлови на Хилари откриваат постоење на тајно здружение на педофили чие седиште е пицерија во Вашингтон која се поврзува со блиски соработници на кандидатката за претседател. Бонус во приказната: Асанж (кој не е виден во јавност од октомври) најверојатно е убиен заради објавување на веста.

Теоријата се врти околу пицеријата Комет пинг-понг во сопственост на Џејмс Алефантис и започнува од обидот на симпатизери на Трамп да го поврзат Бил Клинтон со Џефри Епстајн, финансии тајкун со досие за сексуални прекршоци со малолетнички, чиј приватен авион поранешниот претседател понекогаш го користел.

Во потрага по врската меѓу двајцата, симпатизерите се фаќаат за мејловите на Џон Подеста објавени од Викиликс. Клучниот термин на кој се базира целиот заговор е зборот "пица". Основата за ова е честото споменување "пица" во мејловите меѓу Подеста и Хилари, што според нив е кодно име за "нелегална трговија со секс", односно педофилија. На сето ова се легнува изјавата на Алефантис дека "пицата секогаш е важна работа во политиката", како и еден негов меил до Подеста во 2008 во кој му се заблагодарува за настанот што го одржал во пицеријата, ама жали што не му направил пица.

Логиката на луѓето кои веруваат во заговорот гласи:

"Локацијата беше место на дузина настани за луѓето од кампањата на Хилари. Џон Подеста таму одржуваше средби за собирање фондови и за кампањата на Барак Обама и за Хилари Клинтон. Братот на Џон и негов бизнис партнер Тони Подеста секоја година таму го слават својот роденден.

Тоа исто така е дупка која според рецензиите и фотографиите има скриени врати во тоалетите и морничави мурали. Тоалетите посебно имаат мурали само од голи жени, како и голем број графити поврзани со секс. Рецензиите на ресторанот се бизарно подвоени. Веб-страните кои го опишуваат позитивно забележуваат дека во него редовно има 'деца без надзор кои трчаат наоколу'. Нивното мени има педофилски симбол, како и знаците и декорациите на околните бизниси.

Музичките бендови и постерите кои ги промовираат истите бендови се бизарни во својата презентација, содржина и лиричен фокус, ама и понатаму се промовирани 'за сите возрасти'. Претерано сексуалната содржина го покажува спротивното.

Истото е содржано и во видеата снимени во Комет пинг-понг од луѓето кои се чести во локалот како и во видеото кое позитивно ја спомнува надворешноста на Комет пинг-понг.

Иако првично не беше главна тема на истрагата, Комет пинг-понг е многу поприкирен и повознемирувачки центар на коинциденции. Секој поврзан со бизнисот прави полу-прикриени, полу-саркастични референци на секс со малолетници. Уметниците кои работат за и со пицеријата исто така не генерираат ништо освен култ на крв, обезглавувања, секс и секако пица."

Во сторијата совршено се вклопува тоа што сопственикот на пицеријата, Алефантис, и неговите блиски соработници немаат деца, а според луѓето зад заверата неговиот Инстаграм профил (сега веќе избришан) бил "речиси непрекинат асортиман на различни деца на различна возраст, измешани меѓу постови од геј барови, клубови, фотографии од најчести дроги за силување и купишта странски валути". (Истрагата покажа дека фотографиите биле од луѓе што се тагнувале во ресторанот.)

Тука доаѓа и делот со "доказите" од тврдењата за педофилскиот круг. Претходно спомнатиот педофилски симбол во менито се однесува на логото со две прекрстени пинг-понг палки, врз кои пишува "play-eat-drink" што во скратена верзија му доаѓа PED.

Уште еден доказ е и сликата од фрижидерот на пицеријата и распоредот на околните бизниси.

Заговорот доби и свој спин-оф во приказната за исчезнувањето и наводната смрт на Џулијан Асанж, кој настрадал заради објавувањето на доказите кои ја потврдуваат теоријата.

 

25 ноември 2016 - 16:27