Ница беше еден од градовите во кои се одржуваше Еуро 2016, што само по себе повлекува дополнителни безбедносни стратегии, кои беа само дополнување на мерките околу годишниот карневал во градот и вонредната состојба која трае од нападите во Париз. Карневалот беше посетен од милиони луѓе а обезбедуван од 1.800 полицајци (400 локални, 1.400 од државна безбедност).
Како дел од дополнителното обезбедување што го изискува организирањето на Еуро 2016, беше вежбано справување со најразлични видови напади, вклучително и напад од море, меѓутоа во ниту едно сценарио не беше предвиден чин од типот газење со камион.
Иако останува да се утврди кој е организатор на масакрот, за возачот на камионот се знае дека е 31-годишен жител на Ница, по потекло од Тунис и дека има француски пасош. Неговиот профил одговара на шаблонот на убијците до претходните терористички напади - па освен млад и муслиман, тој од претходно и е познат на полицијата за ситни кражби и насилство, меѓутоа не бил на списокот за следење за тероризам.
Според соседите убиецот, тој бил тивка и повлечена личност, најчесто на точак, кој постојано го качувал во својот стан. Не изгледал како религиозна личност и често носел кратки пантолони.
Паризиен повикувајќи се на извори од М6 објавува дека возачот успеал да го измами обезбедувањето, изјавувајќи дека испорачува мраз, и така успева да ги мине безбедносните пунктови на почетокот на улицата.
Според последните бројки во нападот убиени се 84 лица, од кои десет деца, а над 150 се повредени.