Во Франција два месеца се протестира против новиот предлог закон за работни односи во кој многумина видоа дополнително влошување на стандардот и условите за живот на оние кои живеат од сопствениот труд.
Движењето на работниците поддржани од студентите стана масовно и денеска мнозинството Французи се против законот кој Владата го буткаше со оправдување дека земјата мора да стане конкурентна во меѓународните пазарни трки (а конкурентност често се постигнува кога не водиш баш сметка за правата и достоинството на оние кои треба да трчаат).
Солзавци, водени топови и по некој молотов коктел беа редовен арсенал на француските улици а движењето веруваше дека со ваквиот притисок врз политичките елити ќе го оневозможат донесувањето на законот во парламентот.
И успеаа, и не успеаа. Законот не мина низ парламентот но сепак стапи на сила - со декрет. Владата реши да го заобиколи вообичаениот демократски процес и да го прескокне парламентот. Премиерот тоа го објасни со потребата "земјата конечно да тргне напред."
Притоа се искористи еден контроверзен член на уставот (член 49, алинеја 3) кој на властите им овозможува да го заобиколат парламентот и да донесат закон на ваков начин. За да биде перверзијата поголема, актуелниот француски претседател Франсоа Оланд своевремено долго и систематски го критикуваше ваквиот член и се залагаше за негово укинување.
Дека на денешната политичка сцена комплетно се деформирани поимите за левица и десница говори фактот дека претходната француска десно-конзервативна влада на Никола Саркози не смееше да помисли ни да предложи ваков закон.
А тој главно им го одговара на работодавачите на кои им се олеснува процесот на вработување и давање откази а им се отвораат и нови можности да ги бајпасираат работничките права во однос на платата, одморите и прекувремената работа.
Сега е можно акумулираниот гнев дополнително да еруптира и да го загрoзи опстанокот на Владата или пак да се оствари нејзината проценка дека протестите природно ќе издишат. Но, да потсетиме, Франција е тоа, земја која го имаше и Робеспјер и Парискатa комуна, најрадикалната социјалистичка власт изнедрена децении пред Октомвриската револуција.
"На крајот испаѓа дека и модерната европска политика се бори со опозиционите ставови на ''турски начин' кој се сведува на големи количини солзавец. Луѓе се тепаат, се прскаат и се залеваат додека овие не се уморат и не им се вратат на своите секојдневни животи прифаќајќи за едно скалило полош животен стандард," пишува Тодоровиќ за Advance.
* Поенти од новиот закон за работни односи:
- 35 часовната работна недела останува на сила, но како просек. Фирмите може да преговараат со локалните синдикати и за помалку и за повеќе работни часови, дури до 46 неделно.
- На фирмите им се дава поголем простор за намалување на платите.
- Законот ги олабавува условите за отпуштање работници кои во Франција се стриктно регулирани. Владата тврди дека на тој начин компаниите ќе бидат охрабрени да вработат повеќе луѓе.
- Работодавачите добиваат поголем простор за преговарање околу годишните одмори и специјалните отсуства како што е породилното.
Токму заради владината проценка и надеж дека протестите ќе издишат, настана и движењето Будни цела ноќ (Nuit debout, види тука) кое ја повикува цела Европа оваа недела (15 мај) да излезе на улица против забеганите политички елити. Наоколу ќе ги најдете со хаштаг #GlobalDebout.