„Тоа што сега се случува е она на што Русија потроши многу време за да го подготви. Таа собра доволно сили и доволно ресурси за да изврши притисок на најразлични точки во исто време,“ смета заменик командантот на украинската 3-та јуришна брига (екс-Азов), Максим Жорин, која минатиот месец се повлече од Авдивка.
На Русија и е јасно дека украинските сили веќе се на резерва и со муниција и со луѓе, откако Вашингтон и ЕУ не успеаа да го испорачаат потребното / ветеното, а властите во Киев не можат да истераат прописна мобилизација која би ги пополнила редовите.
Украинската армија сега гледа да заштеди што е можно повеќе муниција, па главна цел е да се удри по руските сили во движење, додека во нејзината позадина работи градежна механизација. На запад од Авдивка, багерите веќе подолго време работат на ископување антитенковски ровови и канали, нешто слично на одбраните што руските сили минатата година ги поставија на својата страна и успеаа да ја стишат украинската офанзива, но за сега не со иста учинковитост.
Украина уште во ноември објави дека ќе почне со изградба на обемна мрежа фортификации по целата линија на фронтот, посебно во близина на Авдивка, а во понеделникот украинскиот премиер објави дека за оваа намена се одвоени 800 милиони долари.
Наспроти заложбите на украинските политичари се тврдењата на западни функционери и украински војници според кои кампањата за изградба на ваквата мрежа не довела до значителни резултати, и тоа претставува сериозна слабост за украинските сили.
Украински војници во близина на Авдивка сведочат дека им е наредено под оган од руска страна да копаат ровови и да се вкопуваат. Нивна надеж е дека одбранбената линија околу градот Покровск е доволно развиена за да го издржи очекуваниот руски напад во претстојните недели.
Вол стрит журнал потсетува на успешноста на руската одбранбена линија составена од повеќе слоеви ровови, бетонски препреки и мински полиња, кои успешно ја запреа украинската офанзива, но кои беа поставувани и градени со месеци.
Моментално Русија притиска по четири различни оски на фронтот, според украински извори, по цена на илјадници жртви, како не би им дала доволно време на Украинците да се стабилизираат и да изградат некаква позначајна одбрана. Во руска корист оди и невообичаеното суво време за овој дел од годината, кога Украина обично е завиена во калови.
Процената е дека Украина има уште неколку упоришта во Донбас кои би биле на нивото на Бахмут и Авдивка, кога тие беа центри на украинскиот отпор. Тоа значи дека со секое руско напредување Украинците мора да се повлекуваат на најчесто неподготвени позиции.
Микола Биелиешков од владиниот Национален институт за стратешки студии, тврди дека Москва сака да ги истроши и умори украинските сили со постојани напади за испитување на различни точки од фронтот, наместо да започне со масовен напад за освојување на нова територија. Според него оваа стратегија е за да се истоштат украинските резерви на луѓе и муниција. Тој верува дека Русите го подготвуваат теренот за голема офанзива во втората половина од годината.
Наспроти проблемите на Украина со мобилизирање, првиот човек на украинското воено разузнавање, Кирило Буданов, тврди дека Русија успева да мобилизира по 30.000 нови војници месечно, меѓутоа и дека секој месец губи илјадници војници. Бројката што ја пренесува Вол стрит журнал е дека Русија изгубила 16.000 војници и 400 тенкови само за освојувањето на Авдивка.