Европските граничари ќе стражарат и над социјалните медиуми

Европската комисија планира да го прошири мандатот на европската гранична полиција Фронтекс со следење објави на социјални медиуми со цел да се откриваат и да прекинуваат синџири за шверцување мигранти. Поранешен шеф на Фронтекс предупредува дека новите овластувања претставуваат „обид за цензура на слободата на говорот во Европа“.

Големата реконструкција на Агенцијата за крајбрежна и гранична патрола вклучува двојно повисок буџет во следните седум години и значително проширување на овластувањата за спречување нелегална миграција.

Според новиот предлог, европската гранична полиција ќе воспостави внатрешна структура за следење на социјалните медиуми и ќе ги известува платформите за содржини за кои има сомневања дека промовираат или олеснуваа нелегален влез на граѓани во земјите од ЕУ. 

За властите е легитимно да отстрануваат онлајн реклами за шверц на луѓе. Но, широкиот мандат за следење на социјалните медиуми оди многу подалеку и го остава онлајн говорот под надзор на граничната агенција. Комисијата сега предлага копирање на системот за инвазивно онлајн следење од Агенцијата за имиграција и царина на САД, предупредува италијанскиот европратеник Брандо Бенифеи.

Тој забележува дека поради критики за кршење на приватноста во 2019 година беше поништен тендерот за мониторинг со слични овластувања.

Мандатот мора да биде прецизно фокусиран на криминалните мрежи. Фронтекс треба да ги гони шверцерите и трговците со луѓе, а не да пресудува на мислења за миграцијата, додава полскиот европратеник Пјотр Милер.

ЕУ веќе има неколку структури кои олеснуваат размена на информации помеѓу граѓанското општество, платформите на социјалните медиуми и властите кога станува збор за кампањи за дезинформации или нелегална содржина. Тие вклучуваат систем за брз одговор според Законот за дигитални услуги (DSA), а неодамна беше основан и Центар за демократска отпорност.

Легалноста на содржините ја одредуваат земјите, кои им наложуваат на своите власти или на граѓанското општество да ги следат платформите заради откривање и евентуално отстранување на проблематични објави.

Фронтекс би аплицирал за статус на доверлив известувач според DSA. Субјектите што аплицираат за овој статус мора да покажат експертиза и независност пред национален орган, кој им доделува посебен статус.

Новите овластувања претставуваат обид за цензура на слободата на говорот во Европа од страна на претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, оценува Фабрис Леџери, поранешен директор на Фронтекс и европратеник од француската десничарска партија Национален собир.

29 октомври 2026 - 09:13