Како што американската помош од 60 милијарди е заглавена уште од крајот на минатата година, така се повеќе личи дека ЕУ е таа што ќе треба да ја пополни дупката со пари и тоа со многу пари. Освен овие 60 милијарди, како што се зголемува можноста за враќање на Доналд Трамп во Белата куќа, така се зголемуваат и шансите за целосно секнување на американската помош за Киев.
50-те милијарди ЕУ планира да ги испорача во рок до 2027, а во исто време ММФ проценува дека на Украина само годинава ќе и требаат 40 милијарди долари за покривање на трошоците.
Доколку нема надворешна помош, опасноста за Киев е дека дупката ќе мора да ја пополни со печатење нови пари, што директно води до инфлација.
„50-те милијарди на ЕУ доаѓаат од централниот буџет, и иако тие не се ни забележуваат на 1074-те милијарди што ЕУ ги има за 7-годишниот период, сепак вадењето на пари од купот наменет за сè од субвенционирање земјоделци до изградба на патишта, е крајно проблематично,“ пишува магазинот Политико.
Во овие математики речиси задолжително се размислува и за трошење на запленетите руски средства, од кои само под ЕУ се околу 200 милијарди евра пари на руската централна банка, меѓутоа и понатаму не е најден сигурен начин за нивно присвојување.
Она што и на Европа и е јасно е дека овие 50 милијарди не се доволни, а Светската банка проценува дека за долгорочна обнова на Украина ќе бидат потребни 411 милијарди долари. Во исто време пораката од Европската банка за обнова и развој, е дека Украина ќе мора да научи „да стои на свои нозе“.
„Украина во иднина треба многу повеќе да се потпира на самата себе бидејќи не може да продолжи половина од својот буџет да го покрива од надворешно финансирање,“ објаснува Матео Патроне од ЕБРД.
Додека да се случи било што од тоа, Киев зависи од западни позајмици за покривање на најосновни работи како плати на јавни службеници, здравство и образование.