Европа на воспитни лекции во Израел

Амбасадорите на Данска, Шведска и Холандија, заедно со претставниците на Белгија, Британија, Италија, Унгарија, Австрија и Германија, беа свикани во израелскиот парламент, не да зборуваат, туку да слушаат, внимателно.

Поранешниот шеф на Шин Бет, а сегашен парламентарец, Исраел Хасон, им порача на европските претставници дека ако европските држави не ги заштитат Евреите на нивна територија, тогаш Израел ќе го направи тоа бидејќи "Еврејската крв не е евтина крв."

Тој ги укорил дипломатите, дека нема што тие или нивните влади да го учат и да му забележуваат на Израел за тоа како треба да се брани сопствената држава.

"НАТО на Косово бомбардираше 5.000 цивили само затоа што се почувствува навреден; 27.000 цивили во Ирак беа бомбардирани за време на американската инвазија затоа што претставуваа опасност за САД. Не постои држава на светот која може нам да ни зборува за морал.

Ако не сте на наша страна, тогаш да знаете дека скоро ќе дојде денот кога муслиманскиот терор ќе стигне до вашите домови, до вашите кревети и вашите градинки," им порачал Хасон на амбасадорите и претставниците на европските држави.

Собирањето на Европјаните во Кнесетот е заради масовните демонстрации низ Европа против израелската интервенција во Газа.

"Демонстрантите маршираат во срцето на Берлин извикувајќи слогани пред лицето на полицијата. Тие извикуваат 'Евреите се свињи.' Зошто германската полиција не ги запишува овие луѓе кои агресивно извикуваат 'Смрт на Евреите,'" прашал на средбата Нејтан Гелбарт, првиот човек на германското еврејско здружение, според кој ова се најсериозните анти-еврејски демонстрации од 1933-та до денес.

1 август 2014 - 15:44