Со Парискиот договор загадувањето до 2030 требаше да се намали на 40% под границата од 1990, а за 2050 немаше фиксна цел. Со Зелениот договор ЕУ сама на себе си наметнува до 2030 загадувањето да се намали за 50%, а до 2050 за 100%.
Во предлогот се повикува воведување на прв климатски закон на ЕУ, во кој ќе биде внесен таргетот за елиминација на издувните гасови до 2050, а измените што ќе бидат направени за таа цел да се непроменливи, за не дај Боже ако некоја следна комисија се предомисли околу климатски промени. Освен планови за секоја земја членка, Зелениот договор повикува и на стратегии за укинување на загадувањето на цели индустрии.
За мир во куќа и за народ да не се фати за „кука и мотика“, еден од главните столбови на законот е иновацијата и заштита на работните места на работниците во индустриите од типот електрани, автомобилска, превоз, нафтена индустрија, рудари и слично.
„Оваа транзиција или ќе функционира за сите и ќе биде праведна, или нема воопшто да профункционира. И затоа клучен дел од европскиот Зелен договор е механизмот за правична транзиција,“ изјавила Фон дер Лаен.
За „транзицијата“ се предвидени 100 милијарди евра.
Слабост на целата работа е што Зелениот договор на ЕУ за сега е план да имаат план, а целиот документ има 24 страници, како што ќе забележи Вокс „тоа не е ни по една страница од земја членка“.