ЕУ ќе плати за да се огради од нас

По години минати во вадење душа на држави како Унгарија и Австрија заради градење огради и ѕидови на своите граници, ЕУ сега е подготвена да финансира огради, ѕидови и бодликава жица во земји вон Унијата за конечно да може да го разработи механизмот за „солидарност“ во згрижување бегалци.

Министрите на ЕУ се на пат да прифатат финансирање на релокација на мигранти во трети земји или друга форма на солидарност, како финансиски придонес за држави што имаат проблеми или плаќање на опрема.

Промените се дел од нешто кое се нарекува Миграциски пакт кој е збир од документи што треба да ги постават новите правила за менаџирање со миграцијата. Еден од најдискутираните закони во рамки на пактот е РАММ (Regulation on Asylum Migration Management) кој ги поставува границите за „солидарност“ кога една или повеќе членки имаат проблеми во справување со напливот на мигранти на нивна територија.

Новите мерки ќе предвидуваат и менаџирање кризи кои опфаќаат три сценарија: криза предизвикана од масовен наплив на бегалци на границите на ЕУ; виша сила, како војна или природни катастрофи; и инструментализација - кога држава или не-државен актер помага преминување на мигранти.

Кризната состојба ќе може да трае максимум 12 месеци и во неа земјите членки ќе помагаат по сопствена оценка. Земјите во криза ќе може да воведат и итни гранични процедури кои, како што објаснуваат организациите за заштита човековите права опфаќаат и „игнорирање на стандардите за азил во нејасен и обемен број на ситуации“.

Една од работите што се разгледува е можноста НВО-та да се идентификуваат како непријателски не-државни актери одговорни за „инструментализација“, со што невладините би се нашле во иста категорија со Русија и Белорусија.

20 декември 2023 - 15:44