ЕУ ја чека хемиско чистење од 440 милијарди евра

Чистењето на вечните хемикалии од природната средина и санирањето на здравствените штети од овие отрови ќе ја чинат Европа најмалку 440 милијарди долари до средината на овој век, покажува нова анализа. Европската Унија днајавува дека ќе ги забрани хемикалиите PFAS, но бара начин како да не ги загрози текстилците и други индустрии што испуштаат отрови.

Европската Унија најави дека во текот на оваа година ќе воведе забрана за употреба на PFAS, со исклучоци за хемикалии што се сметаат за важни за „критични сектори“. Ова издвојување веќе предизвикува отпор од политички групи и од индустријата.

ПФАС се вештачки произведени супстанци што се користат во широк спектар на индустриски процеси, главно при обработка на текстил, и во производи за широка потрошувачка, како пакувања за храна. Многу анализи ги поврзуваат со низа здравствени проблеми, вклучувајќи рак и проблеми со плодноста.

Во новиот извештај на независни ревизори се предупредува дека дури и при воведување целосна забрана Европа би имала трошок за чистење од околу 330 милијарди евра до 2050 година. При екстремно сценарио, сумата би можела да се искачи на 2.000 милијарди, ако се применат поамбициозни цели за справување со загадувањето со PFAS низ Европската економска зона.

И за луѓето и за бизнисите е важно да се разјасни забраната на PFAS. Потрошувачите се загрижени со право, изјави еврокомесарката за животна средина Џесика Росвал.

Студијата, спроведена од консултантските куќи WSP, Ricardo и Trinomics, покажува дека ефикасноста на справувањето на вечните хемикалии зависи од начинот на кој дејствува Европа. Во сценарио во кое продолжува испуштањето хемикалии, а властите се потпираат на третман на отпадни води за да ги исполнат строгите еколошки стандарди, вкупната сметка би се искачила на околу 1.700 милијарди евра до 2050 година, главно за чистење.

Ако ЕУ забрани употреба на PFAS, трошоците за здравствена грижа би се намалиле од 39,5 милијарди евра годишно во 2024 година на само 500 милиони до 2040 година. 

Секој ден на неактивност ја зголемува сметката. ЕУ мора да го запре загадувањето преку амбициозно ограничување на PFAS во производите за широка потрошувачка и во индустриските процеси, повикува Ноеми Жегу од Европското биро за животна средина.

Во 2023 година, истражувачкиот проект Forever Pollution процени дека речиси 23.000 претежно индустриски локации низ Европа биле контаминирани со вечни хемикалии.

Загрижува тоа што ја знаеме токсичноста само на околу десет типови PFAS од повеќе од 10.000 што моментално се користат. Фактот дека тие се акумулираат во животната средина е проблем сам по себе, вели Иан Казнс, професор по органска хемија на Универзитетот во Стокхолм.

Во САД некои сојузни држави, како Мејн и Минесота, веќе воведоа забрани за PFAS во стоки за широка потрошувачка како што се козметика, детски производи и текстил.

*****
Види и: Европа во себе има нешто вечно: хемикалии
Нема Холанѓанец без вечни хемикалии во вените

29 јануари 2026 - 14:05