Економски ќар од вадењето на Коста Конкордија

Во јануари 2012-та, Коста Конкордија заринка во близина на италијанското крајбрежје и две и пол години остана таму. Неделава бродот треба да биде тргнат од таму. Целата операција ќе и донесе на италијанската економија околу 1 милијарда долари.

Бродот кој е 2 пати поголем од Титаник го чини италијанскиот превозник околу 600 милиони долари. Спасувачката операција почнува уште во февруари 2012-та со празнење на 2.400 тони нафта (за да се избегне огромна природна катастрофа на италијанскиот брег). Во септември 2013-та, бродот е целосно исправен и ставен на платформа каде што чека да биде извлечен.

Последната фаза од операцијата почнува на 14-ти јули кога бродот е повторно пловен. Утре (22-ри) тој ќе биде одвлечен 370 километри во правец на Џенова. Токму пристаништето во Џенова го доби договорот за растурање на Коста Конкордија, за цена од 80 милиони долари. За истата работа, пристаништето во Измир даде цена од 40 милиони долари, ама Џенова беше избрана заради помалата оддалеченост од местото на несреќата.

До сега цената на операцијата за спасување е околу 1,5 милијарди долари, а се очекува до комплетирање таа да се заокружи на 2 милијарди долари.

Според првиот човек на Коста Крочере (сопствениците на Конкордија), Мајкл Тем, околу 61% од сите пари за спасувањето ќе се потрошат на италијански производи и услуги.

21 јули 2014 - 13:18