
„Иран требаше да го потпише „договорот“ што им реков да го потпишат. Каква срамота и губење човечки животи. Едноставно кажано, ИРАН НЕ МОЖЕ ДА ИМА НУКЛЕАРНО ОРУЖЈЕ. Го повторував тоа одново и одново! Сите треба веднаш да го евакуираат Техеран!“, објави Трамп.
Трамп го напушти Г7 самитот заради „очигледни причини“ (таман требаше да се види со Зеленски) и повика на евакуација на Техеран. Ист повик, нешто порано, имаше и Израел.
Според достапните податоци, населението на Техеран се проценува на околу 7,8 милиони жители во самиот град, додека заедно со предградијата околу 13 до 16,8 милиони жители, во зависност од изворот.
300.000 луѓе има во централен Техеран, во кој е сместена државната телевизија, штабот на полицијата и три клучни болници, од кои една е на Револуционерната гарда.
Во меѓувреме, Израел и Иран продолжија да разменуваат ракети и ситуацијата се заканува да се претвори во војна „за сите пари.“ Беше ракетирана и иранската државна телевизија.
Ченк Ујгур од Младотурците, во емисија на Пирс Морган, рече дека Израел има убиено повеќе новинари отколку што имаат загинато во другите конфликти заедно.
Загрижувачки е што на крајот на викендот, невообичаено голема формација на американски авиони за полнење гориво - вклучувајќи над дваесетина KC-135 Стратотанкери и KC-46 Пегасус танкери се упатиле кон исток од Северна Америка. Обемот и шемата на овие летови укажуваат на намерно распоредување, наместо на рутинска обука.
Кон Блискиот исток упатен е и Нимиц, американскиот носач на авиони на нуклеарен погон. Но во моментов, Кина има повеќе носачи на авиони во Пацификот од САД. Тоа се случува првпат во историјата.
Иран соопшти дека досега се убиени 224 лица, повеќето од нив цивили а преку илјада се ранети. Израел пријави 24 жртви.