Дојде време Мексико да ги предупредува граѓаните да се чуваат во Британија

Мексико, земја во која царуваат свирепи наркобанди што бесат луѓе по мостови, ги советуваше своите државјани да бидат внимателни кога патуваат во Британија за да не бидат жртви на улични криминалци. Слични тревоги имаат и САД, Австралија, Канада и Франција. Стравот не е случаен. Стапката на украдени телефони во Кралството се зголемила за 425%, а на насилниот криминал за 30%.

Мексико, земјата во чии градови има по едно убиство на 1.000 жители,  ги предупредува своите граѓани да бидат на штрек во Британија. 

Во Лондон, криминалот е зголемен, особено во преполните места, на улиците и во јавниот превоз. Не изложувајте на погледи накит, фотоапарати, мобилни телефони или други вредни предмети, се наведува на веб-страницата. Објавени се и 16 практични совети како да се избегне ситен криминал на улица или во хотел.

Во Лондон лани биле украдени 117.000 телефони – по еден телефон на секои 4,5 минути. Осигурителната компанија SquareTrade Europe наведува дека две петтини од сите кражби на мобилни телефони во Европа се случуваат во Британија. Пријавите за украден телефон се зголемиле за 425% од јуни 2021 година. Насилниот криминал се зголемил за 30% во времето на градоначалничкиот мандат на Садик Кан.

Речиси секој во Австралија знае по некој земјак на кој му го украле мобилниот телефон во Лондон. Ова не се комшиски гласини без основа. Владата во Канбера го крена нивото на предупредување за Австралијците што патуваат во Британија „да покажат висок степен на претпазливост“.

Ситниот криминал е честа појава, вклучувајќи ги и празнењето на џебовите. Внимавајте на крадци што бегаат со скутери или велосипеди, се наведува во предупредувањето на сајтот Smart Traveller.

Во две дополнителни точки им се советува да не носат вредни предмети во џебовите и да ги скријат мобилните телефони подалеку од очите на џепџиите. 

Закана од второ ниво (од можни четири, заклучно со „не патувајте!“) објави и Стејт департментот за Американците што патуваат во Обединетото Кралство. Како причина за зголемена претпазливост, се наведуваат ризик од терористички напад, криминал и нереди.

Покрај стандардните препораки да се следат редовните известувања за ризик од тероризам, на Американците им се советува да бидат претпазливи поради опасност од кражби на мобилни телефони, часовници и накит, да не оставаат торби и ранци по ресторани, пабови, хотели и во паркирани автомобили, да не се возат со диви таксисти и да не користат сомнителни банкомати. Во предупредувањето се додава да не им веруваат на лица во полициска униформа што им бараат веднаш да платат казна во кеш.

Слични предупредувања за ризик од криминал во изминатите години објавија и Канада, Нов Зеланд и Франција. 

Обединетите Арапски Емирати се посебен случај, со специфично предупредување поради „неодамнешното зголемување на бројот на насилства со нож“ и „зачестените напади врз граѓани од арапските земји“. Се советува да не се патува ноќе и да се провери дали вратата од хотелската соба има функционална брава. 

И лондонските хотели почнаа да ги предупредуваат гостите да внимаваат да не бидат жртви на ситен криминал. 

Им кажуваме дека многу крадат телефони на Пикадили. Ги советуваме исто така да не носат накит, вели рецепционер на луксузен хотел со пет ѕвездички. 

Туристичките работници веќе се загрижени поради тоа што криминалот ги одбива туристите. 

Луѓето  се плашат. Претходно слушав дека Лондон е најбезбедното место, но сега криминалот се зголемува, вели туристички агент. Тој смета дека ситуацијата би ја подобриле заострување на законите за имиграција и гонење и казнување на сите криминалци, без оглед колку е „ситно“ нивното дело.

13 август 2025 - 16:08