За администрацијата на Трамп, ова ќе бидат тешки 60 дена. Од една страна треба да преговараат со противник што знае дека излезе како победник од војната и не отстапува од своите црвени линии. Од друга, Белата куќа трпи критики од домашната јавност, дури и од сопствената политичка база Трамп, дека договорот е катастрофален. Трамп го обвинуваат дека на режимот што тргна да го собори и да го разоружи му дал пристап до стотици милијарди и право да извезува нафта и да наплаќа патарина низ Ормускиот проток, без притоа да добие какви било гаранции за ограничување на иранската нуклеарната програма.
Преговорите зависат и од политичката ситуација во Израел – единствениот партнер на САД во војната. И на Бенјамин Нетанјаху му се приближуваат избори, а главниот адут во кампањата му се уништувањето на Хезболах, Хамас, Иранската револуционерна гарда и сите други закани за безбедноста на Израелците. Нетанјаху веќе демонстрираше дека може да ги запре преговорите со напади врз Либан, но јавно реши да ја почитува директивата од Трамп да мирува и прифати уште еден договор за примирје.
Врз основа на партнерот во преговорите, се повлекуваат паралели помеѓу Меморандумот на Трамп со Заедничкиот сеопфатен план за акција (JCPOA) - нуклеарниот договор што Барак Обама го склучи со Иран во 2015 година, а Трамп го поништи во 2018 година. Но, новиот договор многу повеќе прилега на мировниот план за Газа од 2025 година. Трамп го прогласи за дипломатски триумф со кој заврши тешка и разорна војна. Но, мировниот план за Газа не е решение, туку рамка за продолжен, но ограничен конфликт.
До денес не е спроведено ниту едно од долгорочните ветувања од мировниот план од 20 точки на Трамп - реконструкција на Газа, демилитаризација на територијата или распоредување на меѓународни стабилизациски сили. Од прекинот на огнот со Хамас минатиот октомври, израелските сили убија повеќе од 1.000 Палестинци во Газа и често пати ги ограничуваат или ги запираат испораките на помош. Без политичко решение на повидок, ситуацијата во Газа не е ниту мир ниту војна.

И нуклеарното прашање за Иран е слично прашање за кое нема јасни одговори. Техеран не се откажува од правото да збогатува ураниум, а администрацијата на Трамп е против какво било решение кое нема да го обврзе Иран да се откаже од нуклеарните активности.
Во исто време, како и во случајот на Газа, ниту една страна не сака враќање на тотална војна. Иран изгуби голем дел од своето лидери и претрпе сериозни економски последици поради блокадата. САД не можат да дозволат повторна блокада на Ормускиот проток и енергетска криза.
Израел, пак, е во состојба на континуирана војна на повеќе фронтови уште од 7 октомври 2023 година. Политичкиот аналитичар Натан Сакс смета дека отсуството на решение со Палестинците не е неуспех туку цел.
Израел користи сила за да ги врати своите противници назад, а не за да добие предност на преговарачката маса. Цената на овој пристап - континуирано страдање во Газа и на Западниот Брег, проширени конфликти во Либан и Сирија, сериозен притисок врз израелското општество и забрзана штета на меѓународниот углед на Израел - е реална, но сè уште нема доволен политички поттик за промена на курсот, објаснува Сакс.
Најдлабоката неизвесност е што всушност сакаат САД од Блискиот Исток на долг рок. Во Стратегијата за национална безбедност од 2025 година Трамп истакна дека Блискиот Исток „повеќе не е потенцијален извор на непосредна катастрофа, како некогаш“.
Договорот не може да држи заедно актери со толку различни интереси и толку ограничена доверба едни во други. Најискреното предвидување е дека овој конфликт ќе продолжи на различни нивоа, во една или друга форма, уште долго време, забележува Данел Биман, директор во Центарот за стратегиски и меѓународни студии.