Додик влегува на голема врата во клубот на Трамп

Изразеното лобирање кај соработници на Трамп му отвори врата на Милорад Додик во потесниот круг на движењето МАГА околу претседателот на САД. Поканет е да учествува на политички собир во приватната резиденција на Трамп во Мар-а-Лаго, на кој конгресмени и истакнати конзервативни активисти ќе ги почнат подготовките за изборите во 2028 година.

На собирот на Американската конзервативна унија „CPAC Circle Retreat and Gala“, лидерот на босанските Срби ќе биде во друштво на секретар на кабинетот на Трамп, шефот на Советот за внатрешна политика на Белата куќа и неколку членови на Конгресот. Неофицијални извори на Atlantic присуството на Додик го толкуваат како признание за успешната лобистичка кампања и за „усогласување на проруските интереси со проамериканските“.

Спроти општите избори на почетокот на октомври, Република Српска како консултанти ги ангажираше Џејмс Блер и Крис Ласивита - двајца од главните политички советници на Трамп. Откако беше објавена веста за нивниот ангажман, тие го донираа хонорарот во фондот за претседателската библиотека на Трамп. По победата на неговата партија на изборите, Додик им се заблагодари на консултантите и на нивниот шеф во Белата куќа.

Да не беше величествената победа на Доналд Трамп, денес веројатно ќе бевме политички мртовци, изјави Додик.

Поканата го заокружува пресвртот во политиката на Белата куќа кон српскиот политичар. Во 2022 година, администрацијата на Џо Бајден воведе санкции против Додик поради „злоупотреба на службената положба, корупција и поткуп“, како и поради „закани по стабилноста на Босна и Херцеговина“. Вашингтон го обвини Додик дека го саботира Дејтонскиот мировен договор преку создавање паралелни институции и омаловажување на други етнички и верски групи. Санкции беа воведени и за бројни членови на неговото семејство, сојузници и компании. Суд на БиХ подоцна му изрече шестгодишна забрана за вршење јавна должност, прогласувајќи го за виновен за непочитување на одлуките на високиот меѓународен претставник.

Откако Трамп лани се врати на претседателската функција, владата на Република Српска издвои милиони долари за лобисти, во обид да го подобри имиџот на Додик. Стратегијата беше да биде претставен како жртва на правни маневри и борец за христијански вредности кој се спротивставува на наплив на муслиманско влијание. Како лобисти беа ангажирани блиски соработници на Трамп – неговиот поранешен личен адвокат Руди Џулијани, поранешниот гувернер на Илионоис Род Благоевиќ (кој доби помилување од Трамп) и фирмата во која работи Кејти Вајлс, ќерката на шефицата на кабинетот во Белата куќа, Сузи Вајлс.

Во октомври 2025 година, Канцеларијата за контрола на странски средства ги укина санкциите за Додик без образложение, но Стејт департментот, неколку дена претходно, ги поздрави „помирувачките чекори преземени од законодавното тело на Република Српска“ и ги опиша како „резултат на напорите на Вашингтон за смирување на кризата во Босна и Херцеговина“. Претставници на Стејт департментот извршија и притисок за оставка на меѓународниот претставник во БиХ Кристијан Шмит, кој упорно ги кочеше политиките на Додик. 

Настанот на МАГА, на кој е поканет Додик треба да се почне в четврток, кога ќе бидат познати првичните резултати од изборите за Претставничкиот дом и Сенатот.

Како што ќе пристигнуваат резултатите од изборите, ќе разговараме за тоа што значат тие за политичкиот пејзаж и за патот кон 2028 година, се наведува на веб-страницата на CPAC Circle Retreat and Gala.

Како говорници се наведуваат двајца американски сенатори, неколкумина конгресмени и други активисти во МАГА. Од странските гости, ќе говори Едуардо Болсонаро, син на поранешниот бразилски претседател Жаир Болсонар и брат на Флавио, кој по поразот на изборите избега во САД.

Трамп не го потврдил учеството на собирот во неговата резиденција. Претседателот на Американската конзервативна унија, Мет Шлап, одби да го потврди присуството на Додик, наведувајќи дека „организаторите не ги коментираат имињата на гостите, освен официјално најавените говорници“. Неофицијално, поканета е и поранешната британска премиерка Лиз Трас.

******
Види и: Америка e на Балканот само заради гасот

Трамп ги укина санкциите за Милорад Додик

2 ноември 2026 - 10:39