Судиите деновиvе го разгледуваа прашањето дали владата може да следи нечии активности со месеци (предлогот вика: 127 дена) така што без налог, ќе побара геолокациски податоци од неговиот телеком оператор.
Дискусијата охрабрувачка, особено што судии со спротивставени перспективи на политичкиот спектар - судиите Сониа Сотомајор и Нил Горсуч - секој со свој акцент на проблемот, страсно и енергично биле против ваквот предлог. И либералната судијка и Горсуч, наследник на фамозниот тврдолинијаш Скалија, дошле до заклучок дека и во дигиталната ера мора доследно и буквално да се почитува четвртиот амандман на американскиот устав која забранува самоволие во претреси и лишување од слобода.
Обвинителот кој го бранел предлогот бил прашан како овој предлог се разликува од оној кој е веќе паднат на Врховен (САД против Џонс, 2012 година), кога полицијата беше осудена што без налог следела човек ставајќи му ГПС локатор под колата.
По логиката на извршните власти, овојпат нема кршење на ничија приватна сопственост. Владата од телеком компанијата зема само „деловни податоци“ за некој граѓанин, податоци кои истиот тој граѓанин доброволно им ги отстапува на телеком операторот кога потпишува договор со него.
Судиите не биле убедени дека постои суштинска разлика меѓу следењето преку посебен ГПС локатор и преку мобилен телефон кој самиот е 24/7 геолокатор. А луѓето го користат во своите спални, купатила, секаде.
„Не ми е јасно како мислите дека без налог не смее да се стави бубачка за прислушување во нечија спална а може за податоци од истата спална, без налог да го искористите неговиот телефон?, резонирала Сотомајор.
Притиснат од аргументите на судиите, обвинителот се повикал на една одлука на американскиот Конгрес која оди во прилог на нивното барање на што енергично реагирал конзервативниот Горсуч потсетувајќи го дека ни Конгресопт не може да биде над четвртиот амандман кој забранува самоволие при претреси и лишувања од слободи.
„Сакате да ми кажете, ако сега некој провали во Т-Мобиле и украде податоци за корисниците кои потоа ќе сака да ги искористи во своја полза, тоа не чини. Ама ако истото тоа го направи Владата, тогаш тоа е ок?“, поентирал судијата.
И така, секој од своја гледна точка, конзервативецот заради почитта кон приватната сопственост а либералката заради почитта кон приватноста, судиите дошле до она што се вика „common ground“, до исто стојалиште кое во крајна линија ја брани слободата, истиот оној мотив заради кој во 18-от век беше дигната Американската револуција.