Во светот во 2025 година имало 65 активни оружени конфликти, објавија истражувачи од Програмата за податоци за конфликти во Упсала (UCDP) на Универзитетот во Упсала, која се смета за водечки извор на информации за насилството во светот. За „војни“ се сметаат оружените судири во кои има најмалку 1.000 жртви на годишно ниво.
Бројот на директни војни меѓу поединечни држави се дуплирал од четири во 2024 година на осум лани, најмногу откако UCDP во 1946 година почнал да собира податоци. Лани биле активни војните помеѓу Русија и Украина, Иран и Израел, Индија и Пакистан, Тајланд и Камбоџа, Израел против Сирија и Јемен, граничниот конфликт помеѓу Авганистан и Пакистан и војната на САД и Британија против хутите во Јемен.

Зголемен е и бројот и на оружени конфликти во границите на земјите, во кои владини сили се борат против бунтовнички групи или се водат војни помеѓу спротивставени невладини сили, на пример сопернички наркокартели во Мексико.
Но, најмногу загрижува зголемувањето на бројот на жртви во сите конфликти од околу 187.000 во 2024 година на 244.600 лани. Тоа се највисоки смртни биланси по геноцидот во Руанда во 1994 година.
Ова говори за екстремно ниво на смртноносно насилство и драматично зголемување на бројот на цивилните жртви, особено во Судан, рече Тереза Петерсон, виш аналитичар и раководител на проекти во UCDP.
Војната меѓу Русија и Украина е најсмртоносниот меѓудржавен конфликт, со 62% од сите смртни случаи во оружени пресметки. Киев и Москва објавуваат посебни и спротивставени извештаи за жртвите, но UCDP врз основа на отворени извори тврди дека лани загинале 77.700 луѓе на руската страна и 14.000 на украинската.
Војната меѓу Израел и Хамас бил вториот најсмртоносен конфликт, со 14.400 жртви, а во Судан загинале 12.200 луѓе, но само во директните борби помеѓу владините сили и паравоените Сили за брза поддршка (RSF).

Судан е на врвот според насилство врз цивили. Само во масакрите по заземањето на градот Ел Фашер од страна на RSF биле убиени десетици илјади луѓе.
Како „делумна причина“ за порастот на конфликтите на глобално ниво, истражувачите посочуваат на промената на глобалниот поредок.
САД сега се свртија против светскиот поредок што самите го изградија, како што наведоа во нивната нова Стратегија за национална безбедност. Исклучително големиот број конфликти и војни регистрирани во 2025 година, особено рекордниот број меѓудржавни конфликти, им дава кредибилитет на тврдењата дека дека сме сведоци на крајот на Пакс Американа и либералниот светски поредок, се вели во студијата.