
Уште во април минатата година, кога во тек биле преговорите за прекин на огнот со Хамас, Нетанјаху се согласил на компромис. Испратил претставник да им ја пренесе новата позиција на Израел на египетските медијатори и го скрил планот од агендата на клучниот состанок на кабинетот, за да ја соопшти одлуката ненадејно и да ги спречи министрите што се спротивставуваат да го координираат својот одговор.
Кревката коалиција на Нетанјаху зависеше од десничарските министри, кои бараа долга војна што на крајот ќе му овозможи на Израел повторно да воспостави еврејски населби во Газа. Нивното повлекување би ја урнало владата и би предизвикало предвремени избори, кои Нетанјаху според анкетите не можеше да го добие. Ќе ја изгубеше и власта и премиерскиот имунитет од судењето за корупција.
Министерот за финансии Безалел Смотрич го известил премиерот дека слушнал план за примирје и му кажал: „Ако се донесе ваков договор за предавање, повеќе немате влада. Владата е готова, пишува Њујорк тајмс по темелно истражување и разговори со стотици поранешни и сегашни функционери во израелската влада.
Премиерот беше принуден да избере помеѓу шансата за примирје и сопствениот политички опстанок. Нетанјаху се одлучи за опстанок. Овој пресврт му овозможи на Нетанјаху да ја задржи и да ја зацврсти позицијата и власта, одолговлекувајќи ја бруталната воена интервенција против Хамас во Газа и отворајќи нови фронтови. Прво против Хезболах во Либан, па во Сирија, а неодамна и против Иран.
Војната срамни со земја голем дел од територијата на Газа, при што загинаа најмалку 58.000 луѓе, вклучувајќи борци на Хамас, но и многу цивили, од кои речиси 10.000 деца под 11 години. Дури и ако преговорите конечно ги запрат нападите на Израел во наредните денови, тоа е веќе најдолгата војна во историјата на Израел - подолга од онаа при неговото основање во 1948 година, од Јомкипурската со која ги бранеше границите во 1973 година и многу подолга од Шестдневната војна од 1967 година во која Израел воспостави контрола врз Газа и Западниот Брег.
Едно од најчувствителните обвинувања за војната на Нетанјаху е дека тој ја продолжил за своја лична политичка корист. Без разлика дали мислеле дека го сторил тоа или не, сите со кои разговаравме се согласија за едно: Продолжувањето и ширењето на војната беа добри за Нетанјаху, пишува весникот.
Соговорниците на Њујорк тајмс укажале и на заклучоци за увертирата во војната. Пристапот на Нетанјаху кон Хамас помогнал групата да зајакне и тајно да се подготви за војна. Неколку месеци претходно, напорите на Нетанјаху да го поткопа судството ги продлабочиле поделбите во општеството и ја ослабнале војската, со што Израел изгледал ранлив и Хамас бил охрабрен да го подготви својот напад. Штом војната почнала, одлуките на Нетанјаху биле претежно од политички и лични потреби, наместо само од воена или национална неопходност.
Откривме дека во клучните фази од војната, одлуките на Нетанјаху ги продолжија борбите во Газа подолго отколку што дури и високото воено раководство на Израел сметаше за потребно. Кога се чинеше дека расте моментот кон прекин на огнот, Нетанјаху ненадејно им даде значење на нови воени цели, како заземањето на Рафа, а подоцна и окупацијата на границата меѓу Газа и Египет. И кога конечно беше склучен продолжен прекин на огнот во јануари, тој го прекрши примирјето во март, делумно за да ја задржи својата коалиција недопрена, пишува Њујорк тајмс.
Цената на одложувањето беше висока: Со секоја измината недела, одложувањето значеше смрт за стотици Палестинци и ужас за илјадници други. Исто така, значеше дека најмалку уште осум заложници починаа во заробеништво, продлабочувајќи ги поделбите во Израел меѓу оние кои пред сè бараа договор за ослободување на заложниците и оние кои мислеа дека војната треба да трае додека Хамас не биде уништен.
На оваа тема дебата отвори и Пирс Морган: