Дали животите на 25 милиони Европејци вредат 500 милијарди евра?

Проблемот и опасноста од поплавување на северот на Европа од Северното море може да биде решен со градежен зафат во кој ќе бидат подигнати брани со вкупна должина над 630 километри. Второто, и веројатно уште помалку изводливо решение, е да се спречи глобалното затоплување.

Станува збор за морето меѓу Британија од една и Данска, Норвешка, Германија, Холандија, Белгија и Франција од друга страна, кое константно бележи раст на нивото на водата.

Предлогот на океанографот од Кралскиот холандски институт за поморски истражувања, Сјоерд Гроескамп, е изградба на една брана со должина од 475 километри меѓу северна Шкотска и западна Норвешка, и изградба на уште една брана од 160 километри меѓу западна Франција и југо-западна Англија.

Во трудот кој треба да биде објавен во Американскиот журнал за метеорологија, се наведува дека идејата е финансиски достапна и техшнолошки изводлива.

Цената за изградбата на проектот се движи од 250 до 500 милијарди евра, што изнесува едвај 0,1% од вкупниот БДП на сите држави кои ќе бидат заштитени од браните. Во цената се влезени ставки од типот џиновски пумпи кои ќе ја пренесуваат водата од реките што се влеваат во Северното море на сосема другиот крај на браната, како и надоместување на загубата на приходи од риболов.

Што се однесува на техничката изводливост, авторите наведуваат дека длабочината на Северното море во делот меѓу Британија и Франција ретко надминува 100 метри, а додека меѓу Шкотска и Холандија во просек е околу 127, најдлабоко е во близина на брегот на Норвешка каде достигнува 320 метри.

Во моментот човештвото е способно да гради на длабочини кои надминуваат 500 метри, заради што авторите веруваат во изводливоста.

Една фалинка на предлогот, што ја признаваат и авторите, е дека браните со тек на време ќе претворат големи делови од Северното море во пространства со мирни води налик езеро, што радикално ќе го измени нивниот екосистем.

Од друга страна во најдобар случај до 2500 година предвиден е 10 метарски раст на нивото на Северното море, што значи дека последиците од непреземање нешто ќе бидат далеку поголеми. Дури и да се испочитуваат таргетите од Парискиот климатски договор, очекувањата на научниците се дека нивото на морињата во 2100 ќе порасне од 30 до 60 сантиметри.

12 февруари 2020 - 18:04