Британските вооружени сили се неадекватни, а не е сигурно и дека британската армија е подготвена „за растечката закана што доаѓа од Русија кон европската безбедност“, смета Комитетот за меѓународни работи и одбрана на Горниот дом на британскиот Парламент.
Апелот на Комитетот е дека земјата треба да прифати „начин на размислување на нација која е пред вистинска закана.“
Телеграф пишува дека британската армија моментално е најмалку бројна од времето на Наполеонските војни и има само 72.500 војници.
Извештајот на комисијата „го критикува и алармантно ниското разбирање кај јавното мислење за вистинската состојба на одбранбената позиција на Британија.“
„Целосно е отсутна свесноста на нација пред директна закана, и постои итна потреба во вложување во тоа како луѓето ја перципираат вредноста на одбраната,“ се предупредува во извештајот.
Тие го повикуваат новиот британски премиер да состави план кој на граѓаните ќе им ја нагласи важноста на националната безбедност во нивните секојдневни животи и „кој ќе го надмине сфаќањето дека одбраната е одговорност само на војската.“
Нивна препорака е британските цивили да почнат да размислуваат на „тотална одбрана“, како што е тоа во Шведска и Финска, каде секоја дискусија околу војната се смета за задача на целото општество а военото планирање ги опфаќа сите сектори во владата, економијата и граѓанското општество.
Комитетот стравува и дека Британија која според договорот за членство во НАТО е обврзана да испорача на бојно поле тешка борбена дивизија во разумно време, не може да ја исполни оваа обврска.
Британија би имала проблем со распоредување копнени сили за да ги поддржи своите НАТО сојузници во Балтикот и Источна Европа, во случај на војна со Русија. Од Комитетот признаваат дека ова е затоа што „големината и структурата на нашите сили се базира на верувањето дека конфликтите ќе бидат разрешени во период од недели, а не години.“