Речиси еден месец пред претседателот Доналд Трамп да се сретне со рускиот лидер Владимир Путин во Хелсинки во 2018 година, Џефри Епстин му се понудил на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров да разговараат „за да му помогне да го разбере Трамп“.
Може да му предложите на Путин дека Лавров може да добие увид за Трамп ако разговора со мене, му напишал Епстин во електронска порака од 24 јуни 2018 година на Торбјорн Јагланд, тогашен претседател на Советот на Европа, кој требало да ја воспостави врската со Кремљ.
Јагланд одговорил дека веќе следниот ден ќе се сретне со асистент на Лавров и ќе му предложи средба.

Нема информации како завршила иницијативата, но Епстин подоцна ја коментирал средбата на претседателите во Хелсинки, за која медиумите пишуваа дека Трамп потклекнал пред Путин.
Дали Русите имаат информации за Трамп? Денешниот ден беше ужасен дури и според неговите стандарди, му напишал на Епстин во имејл Лари Самерс, поранешен секретар за финансии во администрацијата на Бил Клинтон и економски советник на Барак Обама.
Епстин одговорил дека веќе добил слични коментари: „Сигурен сум дека (Трамп) си мисли дека поминал супер добро. Тој мисли дека го шармирал својот противник. Морам да признаам дека нема поим за симболиката. Нема поим за повеќето работи“.
Во друг мејл објавен од конгресните истражители, Епстин посочил дека разговарал за Трамп со Виталиј Чуркин, влијателниот амбасадор на Русија во Обединетите нации. Чуркин по разговорот наводно го разбрал Трамп.

Ова се сведоштва дека финансиерот не ја ограничил својата мрежа за проституција и ширење влијанија само за политичката и естрадната елита во САД. Заедно со партнерката Гислејн Максвел организирал средби и забави на кои учествувале поранешни претседатели, како Бил Клинтон, функционери од Вашингтон, бизнис лидери, холивудски ѕвезди, а чест гостин му бил и обесчестениот британски принц Ендру.
Епстин се познавал со Трамп уште пред да стане претседател и настојувал да го вовлече подлабоко во својата мрежа, но Трамп бил особено претпазлив. За него не се пронајдени компромитирачки детали во сите документи што досега протекоа до јавноста.
Ни поширокиот сет на електронски пораки апсолутно докажува дека претседателот Трамп не направил ништо погрешно, изјави синоќа портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит.
Трамп подоцна објави на својата социјална платформа дека демократските конгресмени ги објавиле документите од досието на Епстин за да го одвратат вниманието на јавноста од сопствената вина за затворањето на федералната влада“.
Од објавените документи се заклучува дека Епстин ги следел меѓународните контакти на Трамп и настојувал да има влијание врз нив. Јагланд, на пример, го поканил Епстин да го посети во седиштето на Советот на Европа во Стразбур „за да му помогне да разбере повеќе за Трамп и што се случува во американското општество“.
Ахмед бин Сулајем, бизнисмен од Обединетите Арапски Емирати, се интересирал кај Епстин дали да ја прифати поканата да присуствува на првата претседателска инаугурација на Трамп. Епстин одговорил дека „ќе има многу гужва, но вреди да се присуствува“. Не се знае како Епстин одговорил на прашањето: „Дали мислите дека ќе биде можно да се ракувам со Трамп?“.
Епстин бил близок и до саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман, еден од највлијателните лидери на Блискиот Исток и стратегиски партнер на Вашингтон.
Можете ли да ми веруваш дека МбС ми испрати шатор, со килими, со сè?, му напишал Епстин на милијардерот Том Прикер во декември 2016 година. Шатор? Мислам дека тоа е код за „Те сакам“, одговорил Прикер.