Дали Калифорнија после 10 години ќе добие републикански гувернер?

Доколку на Лари Елдер му успее она што претходно само Арнолд Шварценегер успеа да го направи, тој би бил првиот афро-американец кој станал гувернер на Калифорнија.

На 14 септември граѓаните на Калифорнија на предвремени избори ќе треба да се изјаснат на две прашања: 1/ Дали сте за отповикување на постојниот гувернер Гавин Њусом?; 2/ Кој од 46те против кандидати би сакале да го замени?

Предвремените избори се резултат на иницијативата за т.н. „ Recall election “ потпишана од над 1,7 милиони гласачи (прагот е 1,5 милиони), пракса која е воведена во далечната 1911 година. Досега 35 гувернери биле соочени со иницијативи за предвремени избори, но ова е втор пат во историјата на Калифорнија иницијативата да биде успешна. Претходно тоа му успеа само на Арнолд Шварценегер кој на предвремените избори во 2003 година успеа да го победи демократот Греј Девис, а во 2006 година победи и на редовните избори.

На почетокот на пандемијата, Гавин Њусом беше ѕвезда во медиумите и меѓу холивудските суперѕвезди заради начинот на кој се справува со вирусот и единствено пославен од него беше њујоршкиот гувернер Ендрју Куомо (за кого пишувавме во неколку наврати).

Елен Деџенерис во текот на едно интервју лани му се обрати на Гавин со зборовите „не знам дали знаеш, но тебе сите те сакаат“ (во тој период се погоди и таа да биде обвинета од поранешни вработени за непрофесионално однесување). Њусом велеше пандемијата дава можност за промени и дека Калифорнија е глобален модел на прогресивното владеење што ќе ја промени Америка засекогаш.

Но како што „израмнувањето на кривата“ се претвори во бескрајни карантини а бројот на позитивни случаи заразени од Ковид-19 значително порасна кон крајот на 2020 година, Њусом беше фатен како самиот ги прекршува рестрикциите кои ги воведе, а кои го парализираа услужниот сектор во државата. Иако првично велеше дека бил на прием кој се одржал на отворено, набрзо потоа јавноста дозна дека настанот бил во затворени простории при што биле прекршени голем дел од мерките за групирање кои тогаш важеа.

Јавноста тоа го препозна како пример за „не гледај што правам, слушај што зборам“. Овој настан, дополнет со бројните проблеми со кои се соочува Калифорнија, а кои се разгореа во текот на пандемијата беше причина за иницирање на петицијата за одржување на предвремени избори. Тука пред сè е огромниот број бездомници, првенствено во ЛА (од скоро е донесен закон по кој државата мора да ги чува работите кои зад себе ги оставаат бездомниците), високите цени за домување (види Сан Франциско ја покажува иднината на капитализмот), зголемените цени на енергенсите, криминалот, како и рестриктивните мерки кои немаат ни научно ни медицинско оправдување како што е затворањето на плажите, забраната за служење храна на отворено и др.

Успехот на иницијативата дополнително го загрижува естаблишментот на Демократската партија, откако за првпат во историјата на Калифорнија бројот на пратеници во Конгресот на САД од оваа држава ќе се намали, заради намалениот раст на населението споредено со другите држави.

Како негов главен противник веднаш се издвои Лари Елдер, кој се легитимира како  либертаријанец а кој на овие избори ќе настапи со поддршка на републиканската партија.

Демократите имаат причина за загриженост бидејќи 10 дена пред изборите и двата кандидати се скоро изедначени во анкетите. Лари Елдер е радио водител кој неодамна ја даде следната изјава:

„...Мојот противник има големо политичко искуство; Два пати беше градоначалник на Сан Франциско; осум години беше Заменик гувернер и имаше доволно време да планира што треба да прави како гувернер. Јас се сеќавам на еден господин од Холивуд, кој воопшто не се занимаваше со политика. Неговото име е Роналд Реган и тој двапати беше пристоен гувернер, а во два наврата стана и претседател на Америка“

4 септември 2021 - 18:04