Се сврти среќата за 63 годишниот Ендрју Куомо, до вчера славен како еден од најуспешните политичари за време на ковид кризата кој се овенча и со Еми награда, заради „ефикасната употреба на телевизијата во време на пандемија“.
„Неговите 111 дневни брифинзи функционираа толку добро затоа што гувернерот ефектно создаваше телевизиско шоу, со ликови, заплети, приказни за успеси и порази“, соопшти Академијата.
Преведено на нашки, тоа е она кога занемаруваш што имаме ужасно поголема смртност од сите околу нас, ама заклучуваш „овој Венко убаво зборува.“, пишавме во статијата Политичар добива ЕМИ награда за ковид брифинзи
Иако добар дел од обвинувањата против него не се нови, атмосферата околу него е сменета бидејќи сè повеќе негови сопартијци од голем калибар не сакаат да застанат зад тврдењата на неговата екипа дека се работи за лаги и дифамации. Њујоршкиот градоначалник Де Бласио и водечкиот њујоршки Демократ Александра Окасио-Кортес, меѓу другите. Тие сега бараат или сериозно да се испитаат наводите или пак потврдуваат дека Куомо е малку насилна личност која зад сцена знае да биде многу незгоден со оние кои јавно не се согласуваат со него.
„Во мојата природа е да бидам агресивен,“ напиша тој во својата последна книга, оценка која денес звучи многу поинаку, откако за тоа проговорија соработници и колеги на кои им се заканувал.
Пoследните извештаи ги потврдија сомневањата дека неофицијалната титула за гувернер кој најуспешно се справил со смртноста во старечките домови се темели на лажни и за речиси 50% погрешни бројки, бидејќи во статистиката биле водени само оние лица кои починале во самиот дом, а не и оние кои биле предадени во болница за да починат.
Посебен блам е за неговите страсни фанови кои беа толку опчинети со способноста на Куомо што себе си се сметаа за „куомосексуалци.“ Фаци како Тревор Ноа и Елен Деџенерис.
Аурата на Куомо сега е и под товар на обвинувања за сексуално малтретирање од една поранешна помошничка на која во авион ѝ предложил да играат покер на соблекување а еднаш ѝ пишал дека е позгодна од онаа за која постои трач дека му е швалерка.
Некогаш Куомо имаше рејтинг од 77% кој сега е паднат за 49%.
Ничија свеќа не гори до зори.