Издишаното либидо на политичките „куомосексуалци“

Доживувајќи го како противотров за гротескниот Трамп, фановите на њујоршкиот гувернер Ендру Куомо своeвремено почнаа себе си да се нарекуваат куомосексуалци. Тој деновиве сепак поднесе оставка поради сериозните обвинувања за сексуално вознемирување на жени во негова близина. На фановите веројатно не им е лесно, ама па, ако им е. Кој до толку без усул се ложи на политичари, и не заслужил некоја посебна емпатија.

На итнернет сајтови уште можат да се најдат шољи, свеќи, маици и перници со ликот на Ендру Куомо, најновиот паднат лик меѓу политичарите и јавните фаци, кои до вчера беа воршипани без мерка и доза на пристојност а веќе денес, таа маица со негов лик некој во САД ќе ја облече исто колку што овде би ја облекол маицата со СЈО и трите, грации ли, ангели ли беа.

Минатата недела, њујоршкиот државен обвинител, Летиција Џејмс, понуди сериозни контури на обвинението и доказите против Ендрjу Куомо од неколку поранешни негови соработнички и вработени кои се движат во областа сексуално вознемирувањее, непосакано пипкање и бакнување и генерално, култура на застрашеност меѓу луѓето во неговата орбита.

Како реакција на тој извештај, неговата блиска соработничка Мелиса деРоса, за која се зборува дека му помогнала на Куомо да изолира некои претходни слични случаи така што го девалвирала кредибилитетот на оние што обвинувале, поднесе оставка. Иако првично најави дека не помислува нa оставка бидејќи е невин, Куомо на крајот сепак реши да се повлече.

Што ли ќе прават сега они негови фанови кои беа до толку очарани од Куомо и неговото контрирање на Трамп што себе се нарекуваа куомосексуалци? Ништо, малку ќе си ќутат, исто како оние кои ја обоготворуваа Катица Јанева и „специјалките“ кои под закрила на паролата „нема правда нема мир“ лапнаа  4.6 милиони евра бонуси.

Куомо е њујоршки гувернер со три мандати и е син е на њујоршки гувернер кој исто така имал три мандати. Селебрити стана со неговите секојдневни тв појавувања за време на ковид кризата кои се доживуваа како противотров на незграпното и бахато справување со пандемијата на тогашниот американски претседател. Куомо се наметна со компетентност и емоции, што на крајот му донесе и необична награда. 

„Наградата за најдобар актер меѓу постоечките американски гувернери оди кај.... Ендрју Куомо од Њујорк! Не за учество во некоја ТВ драма базирана на реални настани туку за неговите службени телевизиски брифинзи на тема ковид-19. Ви се бурботи ли малку од Холивуд?„ прашавме во статијата „Политичар добива ЕМИ награда за ковид брифинзи“.

Во таа куомофорија, гувернерот почна да се спомнува како потенцијален кандидат за претседател а доби и договор на 5 милиони долари за да напише книга. 

И во тоа време Куомо беше обременет со две сериозни обвинувања: за сексуално вознемирување но и дека ги лажирал бројките, поточно дека до неофицијалната титула за гувернер кој најуспешно се справил со смртноста во старечките домови дошол со помош на лажни и за речиси 50% погрешни бројки, бидејќи во статистиката биле водени само оние лица кои починале во самиот дом, а не и оние кои биле предадени во болница за да починат (види: „Ендрју, Куомо Вадис?“).

Куомо не настрада поради лажните бројки туку поради сексуалното вознемирување. Сеедно. Она што не е сеедно е како луѓе со политичка моќ толку лесно наоѓаат прибежиште во политичката иконографија и како рајата сесрдно им го буста тоа глупо его.

*********

Види и:

За народот кој верува во ангели

11 август 2021 - 15:38