На денешен ден речиси е невозможно американските Ф-16ки да стигнат во Украина пред крајот на летната офанзива. Идентично невозможно е и Украина во овој временски период да добие обучени пилоти.
Прашањето на Њујорк тајмс е дали без значителна воздушна моќ, која е столб на воената тактика што Западот и ја натура на Украина, контраофанзивата може да успее.
„И одговорот изгледа дека е да,“ пишува Тајмс наведувајќи како референца украински, американски и европски сегашни и поранешни функционери и аналитичари.
Пензиониран генерал на американската авијација објаснува дека контраофанзивата ќе мора да се случи без Ф-16ки, надополнувајќи дека тоа што Украинците учеле комбинирана воена тактика (употреба на повеќе родови на фронтот) ќе им се најде во други ситуации. На сличен став, само со далеку поголема нервоза, е и Залужниј.
Весникот потсетува дека од почетокот на војната ниту една страна не успеа да постигне воздушна доминација, и дека главни актери над фронтот се артилериски проектили, дронови и ракети со голем домет. Главна причина за ова е што Украинците имаат Патриот системи кои се одлични во соборување на се што лета, а Русите се заштитени со ништо послабите С-400ки.
Сомнеж околу учинокот на Ф-16ките има и функционер од администрацијата на Бајден кој минатата недела изјави дека не е баш јасно дека украинската авијација дури и со Ф-16ки ќе може да им даде поддршка на своите војници на фронтот.
За волја на вистината, Украинците на почетокот на контраофанзивата ја пробаа западната комбинирана тактика која се потпира на авијација дури и без да добијат еден-единствен авион. Откако претрпеа значителни загуби тие се вратија на советската тактика на константни напади со артилерија и ракети.
Неуспехот на Украинците, американските експерти го објаснуваат и со тоа дека на американската армија и биле потребни години и години за да научи како да војува со комбинирана тактика. Се работи за тактика која комбинира пешадија, оклоп, артилерија и авијација, и е развиена по крајот на Првата светска војна за да се избегне уште една рововска војна. Иако развиена во 1910-те, американската армија нејзе прв пат ја употребува дури во Првата заливска војна во 1990-та, против неспоредливо послабиот непријател.
Освен авионите, проблем се и кандидатите за пилоти, бидејќи Украина успеала да најде само 8 борбени пилоти кои доволно добро зборуваат англиски за да можат да ја почнат обуката која најмалку ќе трае една година. Во исто време 20 други пилоти се испратени во Британија да учат англиски.