Едно од главните барања на Зеленски на почетокот од 2023 беше САД да му испратат Абрамс тенкови и тоа што може побрзо, а не во декември и во 2024. Во понеделникот тој објави дека тенковите се пристигнати во Украина.
Абрамс тенковите што пристигнаа во Украина се од моделот М1А1, кој е во служба од 1980-те. Последната верзија на Абрамс тенковите со најнова технологија, оклоп и опрема е М1А2, меѓутоа од старт беше малку веројатно дека тие ќе бидат испорачани на Украина, бидејќи самите американски закони не дозволуваат извоз на сензитивни технологии. Стравот е дека новите модели со сите свои подобрувања би завршиле во руски раце. Русите веќе понудија награди од неколку милиони рубљи за уништување и посебно за заробување на западни тенкови на фронтот.
Моделот што ќе биде испратен во Украина, М1А1, се смета дека има сериозни предности и квалитети во однос на тенковите од руско и советско производство. Тој влегува во служба во 1980-те, произведен за директен судир со тенковите на Варшавскиот пакт и може без проблеми да се натпреварува со руските Т-80.
Најголемата предност на М1А1 е 120-милиметарскиот топ кој теоретски може да погоди мета оддалечена четири километри.
Благодарејќи на турбината тенкот има исклучителна мобилност, за возило од над 50 тони. Разликата меѓу Абрамс и Леопард и Челенџер е што последните два се направени за одбрана од Црвената армија, а не за напад.
Ваквата мобилност во комбинација со дометот за стрелање, треба да е од голема помош за пробивање на руската одбрана, пример во битката околу Роботино каде Украинците се мачат да ја пробијат втората руска линија. Експертите објаснуваат дека исклучително важно ќе биде да се види и што опрема ќе се испорача со Абрамсите, пример, дали ќе има чистачи за мини, кои би го олесниле напредувањето на фронтот.
Она што е главен проблем на Абрамсот е неговата комплексност и тоа што бара огромна сервисна и логистичка поддршка за одржување. Дури и да не е погоден во битка, тенкот има потреба од сериозно одржување на турбината што може да го врши само специјализиран персонал. Неопходно е константно одржување на моторот и менувачот или во спротивно тие може лесно да експлодираат.
Логистичките проблеми делумно се и причината зошто Абрамсите последни пристигнаа во Украина. Инаку тенкот има и огромна потрошувачка заради што има и резервоар од над 1.900 литри.