Далај Лама планира со својата смрт да ја зафркне Кина

На својот 90-ти роденден на 6 јули, 14-от Далај Лама ќе ја објави одлуката кој ќе биде неговата нова инкарнација. Најави дека детето што му се јавило во визиите нема да биде од Кина, а може да биде и девојче. Целта е јасна, да се спречи Пекинг да ја искористи смртта на Далај Лама за да наметне свое дете не негово место и да го задуши влијателното будистичко движење на Тибет.

Имав визии дека ќе живеам 113 години, изјави своевремено будистичкиот духовен лидер Далај Лама.

Лекари ги поткрепија визиите со заклучок дека Далај Лама е во одлична здравствена состојба. Соништата, гатањата и пророштвата играат клучна улога во тибетскиот будизам. Но, операцијата за вградување вештачко колено лани во САД и возраста од 90 години налагаат благовремено да избере негов наследник, согласно религиозната традиција стара 800 години.

Остатокот од животот ќе го посветам за доброто на другите, колку што е во мојата моќ, им порача Далај Лама деновиве на своите следбеници во својата резиденција Небесен дом во индискиот град Дарамсала.

Им најави дека на својот 90-ти роденден в недела ќе им се обрати со големи вести. Ќе објави во кого ќе се реинкарнира, за да нема дилеми кој ќе биде идниот Далај Лама и да спречи уфрлање „туѓо“ дете. Кинеските власти веќе се обидоа да го направат во 1995 година со Гедун Чоекји Њима, шестгодишно момче што беше признаено како 11-та инкарнација на Панчен Лама, вториот највисок духовен авторитет. Три дена подоцна, момчето беше грабнато од својот дом во зафрлен регион во Тибет. Никој од тогаш не ги видел ни детето ни неговите најблиски. Панчен Лама важи за најмладиот политички затвореник во светот.

Тенѕин Гјатсо, сегашниот Далај Лама, на време избегнал таква судбина. Тој бил избран за 14-та инкарнација на еден од аспектите на Буда во 1937 година, врз основа на вековните процедури на следење на знаци и гатања. Детето го поминал традиционалниот тест: меѓу повеќе чинии и бројаници ги препознал оние што му припаѓале на неговиот претходник и посегнало по нив, велејќи „Мое е“.

Во 1954 година, на 19-годишна возраст, Далај Лама отпатувал во Пекинг за да се сретне со Мао Це Тунг. Мао се однесувал љубезно и со почит, но го испратил со зборовите: „Религијата е отров“. Пет години подоцна, по неуспешното народно востание против Кинезите, Далај Лама избегал во Индија, плашејќи се за сопствениот живот. 

Сфаќајќи дека независноста на Тибет е исчезнат сон, од почетокот на 1970-тите години Далај Лама бара спогодба со Пекинг според „пристап на среден пат“: Тибеќаните би живееле според кинескиот Устав, но би одржувале целосна, значајна автономија кога станува збор за зачувување и практикување на нивниот јазик, религија и култура. Се уште нема договор.

Далај Лама повеќе од половина век патува како религиозен водач, држејќи предавања и учења, нагласувајќи го будистичкото верување на сочувство, а во исто време за растечкиот гнев на Пекинг, неуморно потсетувајќи го светот на тешката состојба на тибетскиот народ. Во 1989 година ја доби Нобеловата награда за мир.

Неговиот морален авторитет му овозможи да ја шири каузата меѓу западните лидери, но тие врати се затворија одамна, бидејќи владите сега имаат поголем интерес да одржуваат добри врски со Пекинг отколку да се држат до принципите. 

******
Види и: Старост лудост

30 јуни 2025 - 10:38