Славата на Шлапиг се должи на неговиот блог „Милја по милја" (One Mile at a Time), дневник на млад човек кој го живее животот како во најдрска авио-реклама. Понекогаш постира и по шест пати дневно, советувајќи ги читателите како да го прават истото што и тој, да патуваат со батлер, во авион со личен туш, а на слетување да ги чека Порше. Неговите обожаватели не се само љубители на патеписи, тие, како што вели новинарот на Ролинг Стоун во подолгата репортажа за Шлапиг, се повеќе гејмери, кои сакаат да победат во некаква реална игра. Тоа се необични ликови со уште понеобични вештини - дигитален талент на програмер, адвокатска љубов кон забелешките напишани со мали букви и страст за бирократија на службеник во авио-компанија, комбинирани во едно.
Методологијата на Шлапиг се состои, меѓу другото, во трупање бесплатни милји кои ги даваат авио-компаниите, чија логика е дека никој нормален не би патувал толку многу за тие да бидат зијан. Ама ваквото размислување не ги зема предвид екстремните случаи како овој на Шлапиг - само минатата година тој летал повеќе од 400.000 милји (околу 650 илјади километри), доволно да се обиколи планетата 16 пати. 43 недели немал спиено во кревет кој не е хотел, и минал по најмалку шест часа дневно во авион. Сето ова не му паѓа тешко, затоа што чувствува дека некого надмудрува, а ова изгледа му има станато зависност.
Опсесијата му почнала уште во тинејџерски денови. Кога имал 13 години открил интернет форум каде корисниците граделе стратегии како малата иницијална инвестиција во авио-карти да им се врати неколкукратно, базирано на застарените алгоритми на програмите за оние кои често патуваат направени во доцните 1970-ти, како и играњето со кредитни картички, односно отварање и затворање на колку што е можно повеќе од нив. Разбирањето на системот одвнатре за него било како разбивање на системот на работа на некое казино, само многу полесно.
Неговите родители најпрвин биле уплашени од тоа со што им се занимава синот, а особено кога тој побарал да лета сам. Но сепак му попуштиле, бидејќи тоа било единственото што го радувало откако во несреќа со скијање на вода погинал неговиот постар брат. Блогирањето и „дружењето" со останатите летачи на форумот и на настани организирани од авио-компаниите му донеле и голем број познанства, како она со Алекс Пуразари, кој најпрвин бил обожавател на Шлапиг за потоа да му стане најдобар пријател и љубовен партнер. На св. Валентин 2010 тие посетиле седум аердроми од Тампа до Хаваи, без воопшто да излезат на воздух.
Секако, ова не можело да трае вечно и без последици. Фалејќи се наваму-натаму, меѓу другото и на новинар на Њујорк Тајмс, околу финтите кои ги прави со авио-компаниите, односно со онаа којашто си ја имал одбрано како „жртва" за собирање бесплатни милји (во случајов Јунајтед), довело до укинување на неговата сметка на „чест летач" во оваа компанија, и сметка на сумата за којашто таа сметала дека е измамена.
Но веднаш по овој настан, Шлапиг дипломирал маркетинг, и си отворил консултантска фирма, PointsPros, која им помага на клиентите да градат „портфолија" на чести летачи. Тој и неговиот партнер сепак не мислат дека во ова има некаков криминал - тие едноставно премногу ги сакаат авионите и патувањата со нив, и се обидуваат таа своја љубов да им ја пренесат и на останатите. „Ние не сме хетеросексуалци, не сме хомосексуалци, ние сме аеросексуалци", велат тие.
Сепак, Шлапиг денес е милионер, чиј приход доаѓа од три извора: реклами на блогот, консултантската работа и провизии од користење на кредитни картички за услуги рекламирани на неговиот блог. Самиот е свесен дека авио-компаниите кога-тогаш ќе успеат да ги ревидираат ситемите на наградување на патниците и дека територијата за манипулација се намалува. Но до тогаш, играта само еволуира, а не запира.