
До 19 август, Северна Кореја немаше регистрирано ниту еден случај на ковид-19 во земјата. Во извештајот на СЗО беше објавено дека во земјата биле тестирани над 37.000 луѓе, вклучително и медицински лица и оние со симптоми налик грип, и сите до еден биле негативни на ковид. Северна Кореја уште во јануари 2020 ги затвори целосно своите граници и воведе меѓу најстрогите мерки против пандемијата.
Преку Ковакс програмата за Северна Кореја биле обезбедени вакцини од кинескиот Синовак. Претходно, во јули на неа и беа понудени 2 милиони вакцини од Астразенека кои беа одбиени заради страв од потенцијални нус-појави. И рускиот министер за надворешни работи објави дека во повеќе наврати им понудил на властите во Пјонгјанг да ги снабди со Спутник V вакцината, меѓутоа бил одбиен.
Северна Кореја повеќе пати изразува сомневање за ефикасноста на ковид-19 вакцините, а тамошните медиуми често пати објавуваат за проблеми кои се јавиле кај лица што во Европа и САД се вакцинирале против пандемијата.