Царините на Трамп немаат никаква економска смисла

Економски експерти тешко може да направат историски паралели со потегот на Доналд Трамп за воведување тарифи на светот. Неговата стратегија на непредвидливост, која можеби има ефект на геополитичката сцена, може да се покаже деструктивна за економијата исто колку и тарифите зашто создава длабока неизвесност и ја изолира Америка на остров околу кој продолжува да тече трговијата.

„Се враќаме на ниво што не сме го виделе од триесеттите години од минатиот век“, оценува професорот Жорди Гуал, поранешен претседател на CaixaBank, коментирајќи го потегот на американскиот претседател Доналд Трамп да воведе царини за целиот свет.

Трамп најави дека со тарифите од 10% до речиси 50% на најголемите трговски партнери ќе ги воведе САД во „златно доба“, дека ќе го крене домашното производство, ќе ги поттикне мултинационалните компании да ги преселат своите фабрики во Америка и да отворат нови работни места. Но финансиските пазари претрпеа тешки загуби како одраз на несигурноста што ја создадоа и тарифите и самото однесување на Трамп.

Економистите предвидуваа дека националната валута ќе зајакне како резултат на тарифниот удар, но доларот губи од вредноста. Тоа може да ја влоши ситуацијата со уште поголема инфлација. 

Експерти од консултантската куќа Oxford Economics предвидуваат дека мерките на Трамп би можеле да го спуштат глобалниот раст на БДП под границата од 2% оваа година, на најниско ниво по финансиската криза во 2008 година, со исклучок на пандемијата.

По глобалниот раст од 3,2% во 2024 година, таквиот исход би бил значителен пад, но не под границата на глобална рецесија.

Иако сме фокусирани на САД како најголема економија и најголем увозник, работите се сменија од пред 10, 20, 30 години. Ако го споредите ова со раните 1970-ти, кога Никсон го симна доларот од златниот стандард и воведе привремена царина од 10%, тогаш САД беа многу поважни, вели Крион Батлер, шеф на програмата за глобална економија и финансии на аналитичката група Четам хаус.

На среден рок, радикалниот протекционизам веројатно ќе ги направи САД помалку конкурентни и поскапи - што може да ги поттикне другите економии да создаваат подлабоки трговски врски меѓу себе.

САД се остров опкружен со царини од 10 до 60%, додека остатокот од светот оди по својот пат. Спомнете си како помина Советскиот Сојуз во економски изолационизам. Со „островската“ економија, Американците ќе добијат послаб квалитет, поскапи производи и раскинување на меѓународните синџири на снабдување, вели Батлер.

Економистите се загрижени дека и неизвесноста може да биде штетна како и тарифната политика.

Тврдат дека тој има стратегијата на случајно однесување, за да не можат противниците да го предвидат неговиот следен потег. Можеби тоа во геополитиката има некаква улога. Но, во економијата таа стратегија ја зголемува несигурност и не поддржува раст и финансиска стабилност, објаснува Гуал.

Неизвесноста ќе трае сè додека не пристигнат одговорите на многу прашања: Како земјите ќе возвратат на тарифите? (Кина одговори брзо и радикално со контратарифи од 34%, а Европа се колеба). Дали мултинационалните компании брзо ќе ги премостат синџирите на снабдување или ќе чекаат дали Трамп ќе се премисли? И дали Американците ќе продолжат да купуваат како и порано, или ќе ги запре порастот на цените?

Како економисти, немаме алатки за да се справиме со човечката страна на економијата. Навистина нема историски паралели, вели Нил Ширинг од Capital Economics.

5 април 2025 - 12:57