Во Костенец во близина на Софија повторно е разработена фабриката за муниција Терем и тоа главно за нарачки за 122-милиметарски гранати, кои последен пат ги произведуваа во 1988 пред крајот на Студената војна.
Терем е само една од источноевропските фабрики што НАТО инсистира да се вратат на производство на советска муниција, како би се покриле потребите на украинската војска која на толку милијарди долари западна воена помош и понатаму главно се потпира на советско оружје.
Слична е приказната и со фабриката ВМЗ (Вазовски машиностроителни заводи) од градот Сопот во централна Бугарија, која исто така се врати на производство на советска муниција по нарачка на НАТО.
Бугарската воена индустрија како ретко која од екс-советските марионети продолжи да работи и по влегувањето на земјата во НАТО, главно покривајќи ги потребите на судири вон Европа, од Либија до Ирак, од Ангола до Шри Ланка. Во 2011 по започнувањето на граѓанската војна во Сирија за кратко време и таму се појави бугарска советска муниција, главно кај противниците на сирискиот режим.
Ваквото шарање со клиенти е една од причините зошто во 2015 бугарски дилер на оружје беше отруен од руски убиец, а низ годините бугарските компании за продажба на оружје неколку пати беа мета на необјасниви експлозии. Пример, во Терем имаше случајна експлозија во 2014.
Заради наклонетоста кон Русија на дел од бугарското население и политички партии, тамошната влада одби директно да и испорачува оружје на Украина, и наместо тоа муницијата ја испорачува во други членки на ЕУ, кои потоа ја испраќаат на украинскиот фронт.
Поранешниот бугарски премиер Кирил Петков тврди дека една-третина од украинската муниција за советско оружје е од бугарско производство.
Њујорк тајмс пишува дека дилери на оружје со американски пари чешлаат поранешни фабрики во БиХ, Србија и Романија, пребарувајќи ги за останати советски гранати.
За украинскиот проблем со муницијата повеќе пати алармираше и првиот човек на НАТО, Столтенберг, според кого Украина троши „многу пати повеќе отколку што е нашата сегашна стапка на производство.“