
Пензионери во Британија често пати се откажуваат од битна државна финансиска помош поради мачниот процес на пополнување обрасци со стотици прашања.
Во лавиринтот од ситни букви и квадратчиња најчесто се губат оние на кои помошта им е најпотребна, постарите луѓе со нарушено здравје и без пристап до интернет.
Обрасците за апликација се обемни и сложени. За пополнување се потребни и до четири часа, предупредува фондацијата „Индепендент ејџ“ и повикува на упростување на процесот за пристап барем до најосновните поволности, како пензионерски кредит или поддршка за станарина. Речиси 1 милион не успеале да аплицираат за кредит, а 270.000 за станарина.
Пензионерите го опишува процесот како „долг, здодевен и со повторувања“.
Кога ќе го завршиш, се чувствуваш апсолутно ужасно, ментално исцрпено и загрижено дека можеби нема да ја добиеш помошта, вели 69-годишната Сузан.
Пензионерите што аплицираат за четирите главни поддршки - за домашна грижа, станарина, намален данок и кредит - треба да одговорат на вкупно 450 прашања. Без одобрено барање за кредит, тие не може да добијат субвенции за греење. Само на тој формулар има 243 прашања на 22 страници.
Со професионален советник пополнувањето трае и по 4 часа, а без него многу подолго. Проблем прават и нејасно поставените прашања и кратките линии на кои не собира одговор. Секој несоодветен или лошо напишан одговор го зголемува ризикот апликацијата да биде одбиена.
Истражувањето покажало дека многумина пензионери воопшто не аплицираат, зашто чувствуваат стигматизирање и срам од мислата дека бараат финансиска помош.
Министерството за социјална грижа тврди дека процесот за аплицирање е „максимално пристапен“ и дека преку интернет може да се пополни за 16 минути.