Оваа „дигитализирана“ визија ѝ прилега на Блез Метревели, новата шефица на британската разузнавачка служба. Таа досега беше генерална директорка за технологија и иновации во МИ6 – попозната како Q во филмскиот серијал за Џемс Бонд.
Во своето прво јавно обраќање од новата функција, таа предупреди дека напредните технологии ги зголемуваат и заканите за безбедноста и капацитетите за подобра заштита.
Напредокот во вештачката интелигенција, биотехнологијата и квантното пресметување не само што предизвикаа револуција во економиите, туку ја предефинираат и реалноста на конфликтите. Тие се спојуваат во алатки што досега беа научна фантастика, изјави Метревели.
Таа објаснува дека британските разузнавачи сега работат во простор што „не е ни мир ни војна“, во кој покрај државните агенции дејствуваат и технолошките гиганти.
Додека државите се тркаат за да стекнат технолошка супериорност, алгоритмите стануваат исто толку моќни како и државите. Хиперперсонализирани дигитални алатки служат како нов вектор за конфликт и контрола, предупреди шефицата на МИ6.
Претставувајќи ја својата стратегија, таа ја спомна Кина, но главно се фокусираше на Русија, за која оцени дека спроведува операции што се „веднаш под прагот на војна“. Како најризични тактики таа спомна кибернетски напади врз критична инфраструктура, испраќање беспилотни летала над чувствителни локации и пропагандни активности. Тоа бара надградување на капацитетите на агентите со дигитални вештини.
Целата служба мора да се прилагоди на новата технологија. Од офицерите се очекува да владеат програмски јазици како Python, наместо течно да зборуваат руски или кинески. Регрутирањето ќе биде насочено кон лингвисти, експерти за бази на податоци, инженери и технолози.
Клучно за ефикасноста на системот, сепак ќе останат човечките капацитети.
Информациите бараат проценка. Сложеноста бара појаснување. Само луѓе може да ја одредуваат насоката. Вештачката интелигенција може да ги збогати, но не и да ги замени целосно човечките вештини, додава Метревели.