Британија е многу, многу назад со брегзит

Бегалката од ЕУ на пет месеци пред брегзит има одново склучено само 14 од 236-те меѓународни договори што ЕУ ги има потпишано со земји низ светот, а Британија како членка активно ги користи.

На Британија остнаува да ги реплицира договорите што ЕУ ги има со 168 држави низ светот, за кои пред референдумот беше ветувано дека ќе бидат извадени подобри услови отколку актуелните.

Овие 236 договори ги опфаќаат само државите вон ЕУ блокот, а меѓу нив се и околу 40 договори за слободна трговија што ЕУ ги има со Канада, Јапонија, Јужна Кореја и Мексико. Освен трговија тие покриваат и клучни секојдневни сервиси од права за слетување на меѓународни аеродроми, до индустриски риболов и финансиски сервиси.

Минатата недела, британската Канцеларија за национална ревизија, која ги следи трошоците на парламентот објави дека 10 од 12-те проекти кои се потребни за гарантирање на целосно функционална британска граница во случај на брегзит без договор, се во ризик дека нема на време да бидат завршени.

Дел од вината паѓа на властите во Лондон, кои дури и според британските претставници во Брисел, се влечат со подготовките околу брегзит. Меѓутоа добар дел од списокот непотпишани договори оди на сметка на странските влади, кои излегувањето на Британија од Унијата го гледаат како историска шанса за одново да ги отворат договорите и да извадат што е можно подобри услови од Британците.

30 октомври 2018 - 13:16