Објавувајќи ја својата кандидатура за советник, осудениот џихадист Бат тврди дека обвиненијата во Јемен биле лажни, доказите му биле подметнати, а признанието на сила му било извлечено додека бил во притвор. Но, тој има многу подолга историја на насилство.
Уште во 1980-ите во Бирмингем бил апсен како член на озлогласена банда и отслужил затворска казна за насилство. Потоа заминал како „хуманитарец“ во Босна и таму се приклучил во бригада на странски платеници што учествувале во војната. Потоа се префрлил во Авганистан и извештаи го поврзуваат со вооружена исламистичка група, која во 1998 година киднапирала 16 странци.
На локалните избори на 7 мај, Бат е на листата на Алијансата на независни кандидати, формирана од активистите Ахмед Јакуб и Шакил Афсар, со платформа за поддршка на Палестинците во Газа. Ќе се бори за советничко место во округот Спархил, во кој 80% од жителите се муслимани.
Поаѓајќи од сопствените искуства, Бат отворено ги повикува младите муслимани „да вежбаат во теретани и да совладаат боречки вештини за да можат да се одбранат од напади“. Во јавни обраќања тој ги повикува муслиманите да се држат заедно за да се одбранат од „неверниците“.

Со помош на Алах, со вашата поддршка и со овие момци зад мене, знам дека ќе победиме, порача Бат во снимката со која ја објави кандидатурата.
Во интервју за локален весник тој тврди дека откако излегол од затвор во 2003 година станал „активист против екстремизмот“. Затворската казна во Бирмингем ја опишува како „грешка од младоста“ и „природна реакција на расистичките навреди“.
Не можев да се справам со ова поинаку. Голем сум, вежбав боречки вештини, улични борби, па затоа ми беше полесно. Не се развив интелектуално сè до подоцна. Бев идеалист, вели Бат.
Здруженија на жртви на исламистички напади ја критикуваат дозволата да се кандидира како „подбивање со британскиот политички систем“ и како „поткопување на сè за што се залагаме во борбата против екстремизмот“.
Во меѓувреме, обичните Британци се соочуваат со многу построга примена на законот. Луси Коноли отслужи затворска казна поради твит со жестока критика за имигрантите по нападите во 2024 година во Саутпорт, а сега повторно ѝ се заканува затвор поради споделување сатирична шега за премиерот Кир Стармер.