Вол стрит журнал пишува за нов бран на либерален активизам низ нацијата, кој се случува на најниските нивоа во Демократската партија, каде што симпатизери на Сандерс почнуваат да ги освојуваат локалните позиции во партијата, „што сигнализира долгорочно поместување уште поналево“.
Сето ова се одвива во ситуација кога Демократската партија доживува еден вид криза на идентитетот, по победата на Трамп, и внатрешната борба со тоа дали треба да се следи меинстрим американската либерална политика на Барак Обама и Хилари Клинтон, или попрогресивната (за американско сфаќање) политика на Сандерс.
Ваквата состојба се одразува и во канидатурата за следен претседател на Демократската партија. Во трка е конгресменот Кит Елисон, кој е првиот муслиман што бил избран во Конгресот, кој доби огромна поддршка од Сандерс и неговите симпатизери, и кој има мала предност пред поранешниот функционер во Одделот за труд, Том Перез, кој доби подршка од демократите што стравуваат дека нивната партија се движи премногу кон лево.
Во ова гласање сериозна улога ќе имаат сите оние симпатизери на Сандерс што тргнаа да се активираат во најниските органи на партијата.
„Ние исто така мораме да направиме сè што можеме за демократите да го освојат Конгресот во 2018, и да ја вратиме Белата куќа во 2020. Ни треба Демократска партија што е водена од прогресивец што ја разбира страшната потреба да се слушнат работничките семејства, а не политичкиот естаблишмент или милијардерите“, порача Сандерс давајќи му ја својата поддршка на Елисон.