Беа ли оние силни карантини бадијала?

Главната пандемиска догма викаше дека изолацијата спасува животи а хистерични медиуми тоа го преведоа како слободата да е смрт. Последниот извештај на СЗО за „вишокот смрт“ покажува дека равенката никогаш не беше така едноставна. Дисциплинираната Германија има повеќе вишок загубени животи од лабавата Шведска.

Во тие заебани а скорешни времиња, на некои држави им се завидуваше заради ригорозноста на воведените рестрикции а други беа жестоко напаѓани за несериозност ако имаа поинаков пристап кон пандемијата.

Додека Европа ставаше катанец на катанец, Швеѓаните можеа да одат во продавници, барови и ресторани. Додека европските деца беа заклучени дома, шведските ученици под 16 години одеа на школо. Големи собирања не беа дозволени но генерално, шведската влада повеќе веруваше во луѓето дека ќе ги следат упатствата отколку нив да им ги носи со декрет.

Глобалната реакција на шведскиот модел беше жестоко негативна. Њујорк Тајмс ја прогласи за одметничка држава чија политика е пример како не треба. Англиски Гардијан кој некогаш беше фан на шведската социјалдемократија ја прогласи Шведска како модел за десничарски импровизации а нејзината ковид стратегија ја нагрди како „смртоносна глупост“.

Последниот извештај на СЗО (види овде) отсликува малку поинаква слика.

Англија, на пример, која почна многу лошо, на крајот заврши  просечно. Кога Борис Џонсон реши да ги укине рестрикциите во втората половина на ланскиот јули, 1.200 научници и владини експерти потпишаа отворено писмо во кое таквиот потег се оценува како „опасен и неетички ексепримент“. Земјата на крај сепак помина сосема солидно, како 15-та од 27-те на ЕУ.

Од друга страна, Германија како дисциплинирана, рационална, зрела, беше истакнувана како модел за успешен пристап. Се велеше дека заслужно за тоа е што Ангела Меркел е човек од науката, па и самото тоа што е жена (по една студија од 2020 година, земји водени од жени подобро се справувале со пандемијата). На крај, испадна со повеќе вишок на смрт (во однос на просекот на смртни случаи во одреден период години наназад), односно полоша од Португалија, Велика Британија и Шпанија.

Податоците за вошок смрт можат да сигнализираат нецелосно пријавување на смртните случаи предизвикани од ковид. Но, тие податоци не откриваат од што умреле луѓето. Можно е вишокот смртни случаи да е резултат на други околности поврзани со ковид кризата - пореметување на здравствениот систем и услуги и занемарување на другите болести заради борба со „главниот непријател“.

„Очигледно, пандемијата беше многу посложена отколку што  дозволуваа поедноставените медиумски наративи. Никогаш не беше така просто, дека повеќе слобода ќе значи повеќе смрт. Ниту пак ригорозното заклучување беше одржлива стратегија. Годините на ковид ограничувања донесоа огромен данок врз општеството. Можно ли е сето тоа да беше џабе?“, се прашува Фрејзер Мајерс.

8 мај 2022 - 16:38