Сите податоци од форензичките анализи на достапни податоци и изјави на седум независни експерти потврдуваат дека САД се одговорни за ракетирањето на основното училиште „Шаџара Тајебе“ во Минаб на 28 февруари, во кое загинаа 156 луѓе, меѓу кои и 120 ученици и едно неродено дете.
Експертите оцениле дека американските разузнавачки аналитичари морале да забележат дека комплексот кој порано бил воен објект бил пренаменет во училиште. Двајца воени инсајдери истакнале дека со години во Пентагон укажувале дека се користат застарени податоци во плановите за напади, но немало реакции.
САД долго време пред нападот разработувале планови за можна војна со Иран. Централен дел од изборот на цели е собирањето и потврдувањето на информациите на иранските воени објекти.

Документ на ЦИА покажува дека САД уште од 1987 година врз основа на сателитски снимки го обележале комплексот во Минаб како „можен објект за воена поддршка“.
Информациите за воените објекти на потенцијалните непријатели се чуваат во база на податоци MIDB, со која управува и која ја ажурира Агенцијата за одбранбено разузнавање (DIA) при Пентагон. Борбените команди, како што е CENTCOM, ја користат оваа база за да состават списоци со „обработени цели“ за употреба во борбени дејства, при што се очекува DIA да ги проверува на секои три до пет години.
Тоа едноставно не се случува толку често. Ги гледав бројките. Мислам дека DIA обработува меѓу 100 и 200 објекти на CENTCOM годишно. Сите знаевме дека тоа не е доволно, но раководството на DIA сметаше дека е сосема во ред, вели анонимен офицер за Скај њуз.

Тој тврди дека постојано биле игнорирани неговите предупредувања до раководството на DIA дека аналитичари се фокусираат на пишување разузнавачки извештаи наместо на проверка на базите. Неговата изјава ја потврдил и друг извор од Пентагон. И двајцата се согласуваат дека разузнавачките служби по Студената војна изгубиле значителен капацитет за следење на воените објекти, бидејќи тоа имало ограничена важност за операциите против бунтовниците во Авганистан, Ирак и Сирија, кои се од сосема поинаква природа.
Никој не мислеше дека навистина ќе ја користиме базата на податоци во оперативна ситуација. Сметаа дека ќе имаат доволно време за брзо ажурирање, велат изворите.
Џесика Дорси, експерт за воено таргетирање и одбранбена технологија, го оцени ова како „крајно проблематично“.
Користите застарени информации за изведување смртоносни напади... CENTCOM мора да ја проверува секоја цел со списокот на објекти што не смеат да се напаѓаат, на кој се училишта и болници, вели Дорси.
Речиси пет месеци по нападот, нема индикации дали САД некогаш воопшто ќе ги објават наодите од својата официјална истрага.
Тоа е толку чудно прашање да се постави на овој датум, бидејќи зборувате за одамна, одговорил Трамп на 24 јуни на прашањето од Скај њуз дали некој во неговата администрација ќе биде повикан на одговорност.
Белата куќа, Централната команда на САД (CENTCOM), Министерството за одбрана и од Агенцијата за одбранбено разузнавање (DIA) одбиле да одговорат на обвинувањата што произлегле од независната истрага на британската телевизија.

Наодите се спакувани во документарниот филм „Бомбардирањето на училиштето во Иран: Потрага по вистината“ од 49 минути. Во него се реконструираат сите настани, минута по минута, училница по училница, дете по дете, со компјутерска визуелизација.
Прикажани се сателитски снимки и документи што покажуваат дека комплексот во 2015 година бил пренаменет во училиште. Во соработка со истражувачката агенција Форензичка архитектура биле анализирани сите достапни снимки и фотографии од училиштето непосредно пред нападот, снимки од првиот удар со десетина ракети, а потоа и од вториот, околу еден час подоцна, со уште три проектили томахавк. Наведени се податоци за локацијата на американските разурнувачи и дејството на нивните ракетни лансери.