Американската војска дозволила пријавување на дополнителни 700 регрути, откако ги променила строгите правила за пристап, отстранувајќи 38 медицински состојби кои досега беа дисквалифицирачки.
Според новите прописи, војници ќе можат да бидат и оние со вродени срцеви маани и прележана туберкулоза, а највеќе внимание привлекува тоа што сега прифатливи се и АДХД хиперактивни лица со пореметано внимание (Attention deficit hyperactivity disorder) и ОДД (Oppositional defiant disorder).
Услов е да не покажале симптоми во период во последните 3 до 7 години.
Само 23% од младите Американци ги исполнувале досегашните услови да станат дел од војската, а проблем е и тоа што според истражувањата, помалку од 10% од младите размислуваат да бидат војници.
Регрутацијата во САД генерално оди слабо. Службата избројала недостаток од 15.000 регрути во однос на поставената цел од 60.000 за 2022-та. Морнарицата и Маринскиот корпус исто така се мачат да ги исполнат регрутациските квоти.
За време на војните во Ирак и Авганистан, Пентагон дозволи регрутација на луѓе што не завршиле средно и биле осудувани за дрога. Кога војната во Виетнам беше во полн ек, секретарот за одбрана Робер Мекнамара регрутираше 320.000 војници со низок степен на интелигенција кои постарите војници ги нарекуваа „Мороните на Мекнамара“.