Федералната влада не води прецизна евиденција колку Американци се преселиле во други земји, но независни анализи укажуваат на рекордно висока емиграција уште од времето на Големата депресија пред речиси сто години. Институтот Брукингс тврди дека негативната миграција лани била помеѓу 10.000 и 295.000 луѓе и предвидува сличен тренд и за оваа година. Други организации го проценуваат одливот на луѓе на околу 150.000 во 2025 година.

Попрецизни се бројките што откриваат дека лани од американско државјанство се откажале 5.000 луѓе, во споредба со 200-400 пред 2009 година.
Во поголемиот дел од изминатите два века американската миграција се движеше во една насока: навнатре. САД беа гравитациски центар што привлекуваа луѓе од целиот свет. Таа нарација се менува, забележуваат консултанти од Глобал Ситизен Солушнс.
Речиси сите 27 членки на Европската Унија во последниве години регистрирале рекорден број Американци што пристигнале да живеат и да работат, покажа анализа на Волстрит журнал. Популарна дестинација е и Мексико, каде што според Стејт департментот има приближно 1,6 милиони американски емигранти, повеќе отколку во која било друга странска држава.

Фактори што придонесуваат за емиграцијата се „златните визи“ што некои земји им ги нудат на странски инвеститори, можноста за работа од далечина и стимулациите за „дигиталните номади“.
Претходно заминуваа Американци што се добро квалификувани или авантуристички настроени. Сега заминуваат и обични луѓе, вели Џен Барнет, основач на консултантската фирма за иселување.
Анкетата на Галуп од ноември 2025 година покажа дека секој петти Американец би сакал трајно да се пресели, што е двојно повеќе од пред десет години. Причините главно се политички несогласувања и трошоците за живот.
Според друга анкета на Харис од февруари 2025 година, 68% од Американците што се изјасниле дека размислуваат да ги напуштат САД како причини ги навеле „недостижната можност за поседуваат дом“ и „чувството дека преживуваат наместо да напредуваат“. Речиси половината (49%) ги истакнале високите трошоци за живот и несогласувањата со политичката ситуација.
Откако Доналд Трамп се врати во Белата куќа, драматично се зголемил и бројот на имигранти што се откажуваат од правото на престој во САД и прифаќаат доброволно да се вратат во матичните земји. Бројот на вакви заминувања се зголемил од околу 800 месечно на крајот од администрацијата на Џо Бајден на повеќе од 8.800 до февруари годинава.

Процесите за доброволни заминувања што се водат пред имиграциски суд се разликуваат од самодепортациите организирани преку Министерството за внатрешна безбедност, во кои мигрантите прифаќаат да ги напуштат САД за да избегнат потенцијално притворање или присилна депортација.
Многу од тие луѓе може да добијат законско право да останат во САД, објаснува Жаклин Павилон, авторка на нов извештај на Институтот за правда Вера.