Во написот, кој повикува да се сопрат африканските хунти, не се споменува дека најмалку 15 високи воени офицери кои имале американска безбедносна помош биле вклучени во 12 државни удари во Западна Африка и во поголемиот Сахел за време на војната против тероризмот.
„Алармантната низа од воени удари низ Сахел во последниве години во голема мера го маргинализираше западниот ангажман во овој важен и многу нестабилен регион“, напишаа Џефри Смит, основач на непрофитната Вангард Африка и Џозеф Сигл, директор на истражување во Африканскиот центар за стратешки студии, истражувачка институција на Пентагон.
Фокусирајќи се на бунтовите во Буркина Фасо, Мали и Нигер, тие забележуваат дека Русија имала активна и не толку суптилна улога во секоја од овие три земји, на кои им претходела најмалку една година „интензивни дезинформации“ со цел да се дестабилизираат западно наклонетите влади.
Меѓутоа, Интерсепт има серија извештаи кои покажаа дека воен персонал кој добил поддршка од САД бил вклучен во државни удари во Буркина Фасо (во 2014, 2015 и двапати во 2022 година), Мали (во 2012, 2020 и 2021 година) и Нигер (во 2023). Офицери поддржани од САД исто така играа улога во државните удари во Мавританија (2008), Гамбија (2014), Чад (2021) и Гвинеја (2021).
САД неодамна беа принудени да ги повлечат своите трупи од Нигер и Чад поради влошените односи со овие долгогодишни сојузници и поранешните соработници кои сега ги водат.
Освен една реченица во која се истакнува дека „западните земји тесно соработуваа со демократски избраните влади во Нигер, Буркина Фасо и Мали повеќе од една деценија“, извештајот не содржи суштинска дискусија за милијардите долари во безбедносна помош ниту воената обука обезбедена за многу од водачите на овие удари.
Не се спомнува ни огромниот пораст на терористичко насилство онаму каде што САД инсталираа свои сојузници.
„Во 2002 и 2003 година, во цела Африка, Стејт департментот регистрирал само 23 жртви од терористички напади. Само лани и само во Буркина Фасо имало 7.762 жртви од нападите на милитантните исламисти. Тоа е скок од речиси 34.000 проценти“, наведовме во статијата „Цивилните жртви на американскиот анти-тероризам“.