„Америка веќе не е една земја. Две се, секоја со екстремно различни ресурси, очекувања и судбини“, вели економистот Питер Темин, почесен доктор на МИТ и автор на книгата „Средната класа која исчезнува: Предрасуди и моќ во дуалната економија“.
Во едната Америка живеат луѓето од тн ФТЕ (финансии, технологија, електроника) сектор. Тоа се 20% Американци кои имаат факултетско образование, убави работни места и спијат мирно знаејќи дека имаат и доволно пари за животните предизвици но и социјални мрежи кои ја поддржуваат нивната успешност. Тие растат со родители кои им читаат книги пред заспивање, имаат пари за приватни часови ако запнат по некој предмет, подоцна патуваат со авиони и возат нови коли. Граѓаните на оваа Америка насекаде околу себе гледаат економски развој и возбудливи можности во иднината. Тие прават планови, влијаат врз политиката и се сметаат среќни што се Американци.
ФТЕ граѓаните ретко ја посетуваат земјата во која живеат останатите 80% Американци. Кај овие, светот на шансите е драматично смален. До гуша во долгови и нервозни заради несигурноста на работното место, ако воопшто го имаат, Се тискаат во колабираниот јавен транспорт или возат коли кои едвај ги отплаќаат. Ако се осмелат да одат на факултет, финансирањето на школувањето ги фрла во тешки долгови. Тие не размислуваат за иднината, тие гледаат да ја преживеат сегашноста.
Тие две земји, вели Темин, имаат сосема различни финансиски системи, животни ситуации и образовни можности. Сосема различни работи им се случуваат ако се разболат или дојдат во судир со законот.
„Најбогатата голема економија на светот почнува да добива економска и политичка структура како земјите во развој. Влезени сме во фаза на регресија и најлесен начин да се види тоа е нашата инфраструктура: нашите патишта и мостови повеќе личат на оние Тајланд или Венецуела отколку на Холандија или Јапонија. Но, паралелата е уште подлабока„ предупредува Темин.
Тој упатува на фамозниот економски модел по кој се детектираат земји во развој, изработен од економскиот нобеловец В. Артур Луис. Вознемирувачки е што секој индикатор на Луис, со неверојатна прецизност може да се пронајде во системот на САД.
Во земјите во развој, луѓето често се обидуваат да се извадат себе си од ниско платениот сектор со миграција од руралните области кон градовите во кои очекуваат да најдат работа. Тоа понекогаш пали, но честопати не. Единствениот билет за излегување надвор од сиромашниот свет е образованието, но тој е дополнително оптоварен со рестриктивното финансирање на јавното образование и трошоците за студирање.
А и самата факултетска диплома не е доволна. Луѓето кои немаат грб, дури и со таква диплома завршуваат во помалку платените области на образованието, социјалните или државните служби.
САД не се најдоа во ваква ситуација преку ноќ. Темин смета дека дупката си ја копаат веќе 40 години, уште кога војната против сиромаштијата на Линдон Џонсон, Никсон ја смени со војна против дрогите.
Тивката бела сиромаштија за првпат стана видлива на последните избори, но гласаше за опција која само ќе го зацврсти постоењето на две Америки. Не дека нема излез: да се троши повеќе на домашни проблеми а помалку на воена индустрија, да се прошират образовните шанси, да се надгради инфраструктурата, да се простат хипотеките и образовните долговите, да се оданочи не само приходот туку и капиталот на најбогатите.
Дотогаш, структурата на двете Америки однапред ќе одредува кои се победници а кои лузери во животните битки.